Додека Велика Британија ја претставува својата апликација за следење на инфекциите во земјата во налет на вториот бран, некои од европските држави веќе не ги користат дигиталните алатки со образложение дека истите тие потфрлиле во нивните можности за справување со пандемијата
Повторно расте бројот на заразени со коронавирусот, а владите размислуваат какви следни мерки да преземат. Многумина се потпираат на дигиталните апликации за следење на заразените контакти, но не треба премногу да се надеваат. Имено, Англија и Велс минатата недела станаа дел од низата земји што ги претставија своите апликации за коронавирусот за паметни телефони, покрај тоа што во Обединетото Кралство, Шкотска и во Северна Ирска веќе го сторија тоа. Но користењето на овие апликации низ Европа и во други делови од светот, во најдобар случај, е недоволно, а во најлош случај го одвлекува вниманието од поаналогните обиди да се спречи пандемијата, која досега уби еден милион лица во светот, пишува „Политико“. Како што наведува магазинот, ваквите апликации за следење на контактите, кои речиси сите користат технологија на „Епл“ и „Гугл“, им овозможуваат на корисниците да бидат информирани виртуелно и анонимно кој од нивните контакти бил заразен со ковид-19.
Сепак во повеќето земји, податоците се чуваат само на телефоните на корисниците за да се избегне владите да создадат огромна база на податоци за здравствената слика и личните детали на луѓето. Она што е интересно, како што наведува магазинот, е што напорите дополнително беа усложнети бидејќи луѓето што не сакаа да им ги даваат своите податоци на владите и на технолошките фирми, наметнаа ограничувања во ваквите апликации, кои во исто време функционираа и надвор од границите на државите, и им се даде дури и преголем публицитет.
Главниот проблем, сепак, е довербата. За ваквите алатки да бидат успешни, некои академици сметаат дека речиси две третини од населението на една држава мора да ја користат апликацијата за да има некаков ефект. Други велат дека се доволни само 15 отсто од населението. Во секој случај, целта на алатките е луѓето доброволно да ги користат и да ги споделат позитивните резултати од тестот за коронавирус преку нивната корисничка сметка за да може истите тие да се споделат пошироко, наведува „Политико“. Во најуспешните случаи како Финска и Исланд, ваквата апликација ја користат 30-40 отсто од населението што е добар почеток.
Но во земји со долга историја на недоверба во владините агенции за личните податоци, апликациите немаа најдобар прием. На пример во Германија ја користат едно од пет лица додека во Франција (која реши да ги избегне технологиите на „Гугл“ и на „Епл“) помалку од осум отсто од населението ја презеле апликацијата, според владините процени.
– Истражувачите на универзитетскиот колеџ „Лондон“ разгледаа повеќе апликации за коронавирус и открија многу малку докази дека се успешни во борбата против пандемијата. Во Англија и во Велс, по првичните проблеми со законите за приватност, властите порачаа дека биле надминати проблемите, а корисниците можат да ги бришат своите податоци кога ќе посакаат – пишува „Политико“.
Друга слаба страна, како што наведува медиумот, се податоците и кој сè има пристап до нив. Откако „Гугл“ и „Епл“ ги принудија државите да го прифатат нивниот таканаречен децентрализиран пристап (во кој податоците се чуваат само на телефоните на корисниците) во замена за нивната технолошка експертиза, поборниците за заштита на податоците го поздравија овој чекор, тврдејќи дека на тој начин ќе се ограничи владиниот увид во нив. Но на овој начин беа ограничени државните напори за спречување за ширењето на вирусот, со тоа што здравствените власти немаа пристап до податоците.
Сепак, останува отворено прашањето како поединечните апликации на секоја земја ќе се синхронизираат меѓусебно, што претставува важен проблем кога луѓето постепено ќе почнат повторно да патуваат низ Европа и надвор од неа. На почетокот од минатиот месец, Европската комисија започна да тестира како апликациите од шест држави би можеле да се синхронизираат заедно со план за систем, кој би можел да биде воведен некаде во следниот месец. Покрај техничките проблеми, здравствените агенции на државите мора да потпишат договори за (анонимно) споделување податоци.
Во меѓувреме властите немаат уште многу време за размислување. Со тоа што Стариот Континент веќе бележи пораст на случаи дури и пред почетокот на зимата, доверлив (и широкоприфатен) систем за следење на заразените со коронавирус е неопходна мерка за да се избегне повторно воведување државни карантини што на почетокот од оваа година силно го погодија регионот. Теоретски, дигиталните апликации би можеле да заземат централно место во оваа стратегија, но реалноста покажува дека тие се само модерни, но нефункционални алатки, истакнува „Политико“.