Четворица мигранти загинаа, а шестмина се водат како исчезнати откако чамецот со кој се превезувале потона во Егејското Море, јави Анадолија.
Тројца мигранти се спасени во акцијата за спасување на турската крајбрежна стража откако чамецот со вкупно 15 лица потона кај Дикилија, во близина на грчкиот остров Лезбос.
Претходно, двајца мигранти успеаја да допливаат до брегот и да побараат помош, по што почна акцијата за спасување. Потрагата за шестмината мигранти продолжува.
Групата, во која имало и четири деца, била составена од 14 Авганистанци и еден Ирачанец.
Покрај оваа група, друга од 73 мигранти – Ирачани, Авганистанци и Пакистанци се приведени во северозападна Турција, при обид да преминат кон Европа. Истовремено, 21 мигрант – Сиријци, Палестинци и Сомалијци се приведени во Мугла, југозападна Турција, при обид да ја напуштат земјата со брод.