Дополнителни европски санкции за Русија би можеле да бидат најавени следната недела, но посрамувањето на главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, за време на неговата минатонеделна посета на Москва, изгледа дека ќе ги продлабочи поделбите за политиката на европскиот блок кон Кремљ, пишува „Гардијан“ повикувајќи се на мислењата на аналитичарите.
Борел се соочува со силни критики од европратениците, дипломатите и познавачите на состојбите кои сметаат дека бил срамно надигран од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Експертите велат дека последниот спор помеѓу ЕУ и Русија веројатно нема да доведе до итно зацврстување на позицијата на блокот кон Москва, бидејќи земјите-членки не можат да постигнат согласност за начинот на кој треба да се постапи кон Кремљ.
Покрај посрамувањето на прес-конференцијата, на која Лавров ги обвини лидерите на ЕУ дека лажеле за труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални и ја нарече Унијата „недоверлив партнер“, Борел потоа дозна преку Твитер оти Русија протерала дипломати од Германија, Шведска и од Полска поради нивно наводно присуство на демонстрациите за поддршка на Навални.
Борел завчера им кажа на европратениците дека сакал да види дали Москва е заинтересирана за сериозен обид за подобрување на влошените односи и за прифаќање на можноста за поконструктивен дијалог. А потоа кажа дека одговорот е јасен и бил негативен. Тој додаде и дека има длабоко разочарување и недоверба меѓу двете страни и оти ќе предложи конкретни чекори против Москва поради затворањето на Навални.
Повеќе од 70 европратеници го потпишале писмото во кое се бара оставка на Борел, а групата како причина за барањето го наведува „негативниот ефект врз кредибилитетот на ЕУ во дипломатскиот сектор“ предизвикан од посетата на Борел на Москва. Други, пак, сметаат дека Москва „ја злоупотребила посетата за да го посрамоти Борел и да ја навреди ЕУ“, со што бараат заедничка стратегија на ЕУ за Русија. Но единството на ЕУ во односите со Русија веројатно нема да се оствари наскоро, бидејќи постои несогласување во поглед на одговорот кон Москва, поради разединетоста при националните стратешки и економски интереси, заклучува „Гардијан“.