Полицијата користеше гумени куршуми, шок-бомби, солзавец и водени топови за да ги стивне протестите против резултатите од оспоруваните претседателски избори во Белорусија, во синоќешните судири што избија низ повеќе градови, пишува „Гардијан“.
Александар Лукашенко кој владее со државата во изминатите 26 години прогласи убедлива победа на изборите проследени со обвинувања за фалсификување на гласањето. Изборната комисија тврди дека Лукашенко има предност од 82 отсто според првичните резултати. Опозицијата предводена од Светлана Тикановскаја во кампањата одржа некои од најголемите политички митинзи во Белорусија уште од времето на СССР.
Големите протести избија веднаш по затворањето на избирачките места во Минск, каде што илјадници се собраа во центарот на главниот град. Противниците на Лукашенко извикуваа „Заминувај!“, додека полицијата уапси десетици, а користеше и гумени куршуми и водени топови, како што пренесува „Гардијан“. „Ројтерс“ денеска извести дека барем едно лице го загубило животот откако било удрено од полициско комбе, а десетици биле повредени. Судири биле забележани во отприлика 20 града.
– Ова со сигурност е најголемиот протест што сум го видел во Белорусија откако Лукашенко дојде на власт. Во поглед на изборите кои Лукашенко ги одржал, немало ништо слично. Ми се чини дека целата држава навистина е во полза на промени – вели Дејвид Марплс, експертот за Белорусија кој предава на универзитетот во Алберта, Канада.
Одлуката за насилно сопирање на протестите отвори прашања за лојалноста на министерството за внатрешни работи кон Лукашенко, како за реакцијата на белорускиот лидер ако се почувствува загрозен од протестите.
– Не знаеме колку е храбар, бидејќи досега не бил во ситуација во која треба да биде храбар – смета Марплс.
Државната новинска агенција „Белта“ објавува дека полицијата ја „контролира ситуацијата на неодобрените масовни собири“.
Тикановскаја синоќа упати повик кон полицијата да прекине со нападите врз демонстрантите, како и нејзините приврзаници да престанат со провокациите. Нејзиниот изборен штаб тврди дека таа победила на повеќето од изборните места во Минск. Според излезните резултати Лукашенко имал 79,7 отсто од гласовите, а таа 6,8 отсто. Тикановскаја се сокри во саботата, откако беа уапсени девет членови на нејзиниот изборен штаб, појавувајќи се на вчераното гласање. Таа влезе во изборната трка по затворањето на нејзиниот сопруг, испраќајќи ги нивните деца во странство.
Лукашенко кого медиумите го нарекуваат „последниот европски диктатор“, стекна огромна моќ во изминатите 26 години на владеење со Белорусија. Тој се обидува да дојде до шестиот претседателски мандат.
Набљудувачите на изборите сметаат дека рекордната излезеност на гласачите во раните часови укажува на полнење на гласачките кутии. Демонстрантите истакнаа дека бараат промени, а гневни се и поради апсењето на дел од активистите на опозицијата, како и поради заканите за насилство.