Гувернерката на Порторико, Ванда Васкез, денеска прогласи вонредна состојба и ја активираше Националната гарда по серија земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 6,4 степени по Рихтер.
Најмалку едно лице загина, струја снема на поголем дел од островот и причинета е значителна материјална штета, соопштија властите и медиумите.
Васкез порача дека сите јавни служби, освен службите за итни случаи, денеска нема да работат додека се спроведуваат плановите за вонредна состојба.
Островот во Атлантскиот океан изминативе денови беше погоден од низа земјотреси, меѓу кои еден вчера беше со магнитуда од 5,8 степени по Рихтер и оштети неколку домови на јужниот брег.
Островската држава во сојуз со САД сè уште се опоравува од катастрофалниот ураган „Марија“ од 2017 година, во кој загинаа околу 3.000 луѓе и беше уништен голем дел од инфраструктурата, а настрада и населбата во која е снимен спотот за популарната песна „Деспасито“.
Додека прави напори за реконструкција, земјата се соочува и со долг од околу 120 милијарди долари.
Васкез, која стана гувернер по протестите што го принудија поранешниот гувернер Рикардо Росело да се повлече, ги повика луѓето да останат мирни.
„Сакаме сите да бидат безбедни. Затоа целата работа на јавните служби денес е суспендирана за да можеме да бидеме со нашите семејства и да ги спроведеме плановите за безбедност“, напиша Васкез на Твитер.