Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска соопшти дека воените резервисти во земјата ќе бидат повикани на обука во рамките на неодамна прогласената воена состојба и оти некои воени единици ќе бидат распоредени во согласност со јакнењето на одбраната на земјата.
Во исто време, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека тврдењето на Порошенко дека Русија планира да гради „коридор“ од Донбас до Крим е апсурдно и оти тоа е уште еден обид да се зголемат тензиите меѓу двете земји.
Песков ова го рече коментирајќи ја изјавата на Порошенко дека Москва планира да ги „приграби“ Мариупол и Бердијанск.
– За жал, јасно е дека такви обиди (влошување на тензиите) ќе продолжат со доближувањето на претседателските избори во Украина, рече Песков и истакна дека „Русија никогаш ништо не приграбила ниту воспоставила некакви коридори, и оти тврдењата за тоа се апсолутно неосновани“.
Односите меѓу Украина и Русија уште повеќе се затегнаа по инцидентот од 25 ноември кога Русија отвори оган и заплени три украински бродови, а нивните екипажи ги уапси под обвинение дека ги нарушиле руските државни граници. Порошенко потоа воведе воена состојба на 30 дена во 10 украински региони кои ги смета за најподложни на евентуален руски напад.