Инженерот Џон Барнет тврди дека тестовите сугерираат оти дури една четвртина од системите за кислород може да се дефектни и да не работат кога е најпотребно. Барнет исто така обвинува дека дефектни делови намерно биле вградувани во авионите на производствената линија во една фабрика на „Боинг“
Поранешен инженер на „Боинг“ предупредува дека патниците во популарниот модел „787 дримлајнер“ би можеле да останат без кислород во случај на ненадејна декомпресија. Инженерот Џон Барнет тврди дека тестовите сугерираат оти дури една четвртина од системите за кислород може да се дефектни и да не работат кога е најпотребно. Барнет исто така обвинува дека дефектни делови намерно биле вградувани во авионите на производствената линија во една фабрика на „Боинг“. Од друга страна, компанијата ги отфрла обвинувањата и посочува дека сите нејзини авиони се изградени на највисоко ниво на безбедност и квалитет. „Боинг“ го привлече вниманието на светската јавност по двата инцидента, при што се урнаа авиони од серијата „737 макс“, пренесува Би-би-си.
Барнет, кој работел како инженер за контрола на квалитетот, бил надлежен менаџер за квалитет во фабриката на „Боинг“ во Северен Чарлстон, во сојузната американска држава Јужна Каролина. Тоа е една од двете фабрики што се вклучени во производството на модерниот модел „787 дримлајнер“, кој често се користи на долгите летови низ светот. Но Барнет (57) тврди дека во брзањето да го произведе авионот, компанијата ја компромитирала безбедноста на леталото. Сепак, компанијата ги отфрла овие обвинувања и посочува дека безбедноста, квалитетот и интегритетот се основните вредности на „Боинг“.
Бившиот инженер наведува дека во 2016 година открил проблеми со системите за вонредно снабдување со кислород. Овие системи би требало да ги одржат во живот патниците и екипажот во случај на декомпресија во авионот. Без системите, лицата присутни во авионот набрзина би биле онеспособени. Според Би-би-си, на височина од 10.600 метри, тие би ја загубиле свеста за помалку од една минута. Покрај тоа, можни се и сериозни оштетувања на мозокот, па дури и смрт. Иако ненадејните декомпресии се ретки, тие сепак се случуваат. Па, така, на пример, во април 2018 година, прозорец беше разнесен на авион на „Саутвест ерлајнс“, откако беше погоден од дел од оштетениот мотор. Еден патник што седел до прозорецот доби сериозни повреди, од кои подоцна и почина. Другите патници успеале да ги извлечат маските за вонредно снабдување со кислород и преживеале неповредени. Барнет тврди дека при инспекцијата на системите што претрпеле мали козметички промени открил дека некои од боците со кислород не се празнеле кога било потребно. Тој потоа договорил контролиран тест, кој бил извршен од одделението за истражување и развој на „Боинг“.
„Рајанер“ приземји три авиони поради пукнатини на трупот
Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ приземјила три авиони „боинг 737“, откако биле откриени пукнатини помеѓу крилото и трупот на леталото. „Рајанер“, која ја има најголемата флота на „737“ во Европа, е најновата авиокомпанија што се соочи со ваков проблем, што доведе до приземјување на над 50 авиони во светот по 3 октомври. На светско ниво, над 7.000 авиони од овој модел се во служба, а „Боинг“ досега направи проверка на околу илјада летала.