Американскиот државен секретар Мајк Помпео на средбата со јапонскиот премиер Шиндзо Абе изјави дека САД и Јапонија треба да се стремат кон денуклеаризација на Сверна Кореја.
– За да го решиме ракетно-нуклеарниот проблем на Северна Кореја и проблемот со киднапираните граѓани, треба да се движиме во една насока. И за да спроведеме денуклеаризација на Северна Кореја, треба тесно да соработуваме -рече Помпео.
Тој му вети на Абе дека за време на неговата утрешна посета на Пјонгјанг ќе разговара за проблемот со јапонските државјани киднапирани од севернокорејската разузнавачка служба.
– Многу високо го оценувам фактот што еден ден пред посетата на Северна Кореја пристигнавте во Јапонија. Би сакал тесно да соработуваме меѓу себе за да ја решиме ракетно-нуклеарната програма на Пјонгјанг и проблемот со киднапираните граѓани – одговори Абе.
Токио бара Северна Кореја да даде целосна информација за јапопнските граѓани, кои ги киднапирала за да ги обучува за шпиони, и да ги врати во татковината оние кои се уште се живи, пред да се согласи за нормализација на односите со Пјонгјанг.
Помпео исто така истакна дека односите меѓу Јапонија и САД се здрави и оти двете земји се во позиција да постигнат напредок во трговските разговори и да го финализираат договорот за ова прашање откако Абе и претседателот Доналд Трамп го разгледаа прашањето во Њујорк минатиот месец. Двете страни тогаш се согласија да започнат разговори за трговските прашања со заложба да ги заштитат јапонските производители на автомобили од новите царини – нешто што Токио го смета за голема закана за економијата која е зависна од извозот.