Зајакнувањето на безбедносните мерки во Париз за да се избегне ново насилство како минатата сабота за време на демонстрациите на жолтите елеци, резултираше со 4.688 превентивни проверки од страна на полицијата и 51 апсења, додека 29 лица добиле казни до 13 часот и 30 минути, јавува дописникот на МИА.
Денешните демонстрации се одржуваат 19-та последователна сабота од првите демонстрации во ноември 2018 година. Тие се карактеризирани со засилени безбедносни мерки. Министерот за правда, Никол Белуде вети дека полицијата ќе биде „безмилосна со насилниците” во говорот на маргините од комеморацијата на џихадистичките напади на 23 март 2018 година во Од.
Во Париз неколку илјади луѓе се собраа пред денфар-Рошто од каде што ќе тргне маршот пријавен пред властите, во правец кон Монтмартр. Другите жолти елеци се состанаа на плоштадот Трокадеро и во близина на Шатле.
Во Ница, првите тензии беа почувствувани уште претпладне. Полицијата го евакуираше Плоштадот Гарибалди, во близина на стариот дел на градот, каде што жолтите елеци се собраа и покрај забраната за демонстрации. До пладне во Ница имаше шестмина уапсени.
Засега во другите градови низ Франција протестите минуваат мирно.
Властите за оваа сабота предвидоа зајакнување на безбедносните мерки, така што само во Париз се мобилизрани околу 6.000 припадници на полицијата и жандармеријата, а за чувањето на јавните згради е вклучена и армијата.
Префектите донесоа забрана за демонстрации во чувствителните области како во Тулуз на плоштадот Капитол или во центарот на Ница и Марсеј. Секој кој ќе протестира во овие забранети области е подложен на парична казна од 135 евра.