Предводникот на руската опозиција Алексеј Навални и неколку негови блиски соработници повторно се обвинети за екстремизам и може да добијат долгогодишни затворски казни, објавија руските обвинители, по неколкумесечна репресија на неговото движење.
Според Истражниот комитет, кој спроведува големи кривични истраги во Русија, Навални и неговите соработници се обвинети за основање и водење екстремистичка организација, која повикувала на промена на власта по насилен пат во периодот од 2014 до 2021 година.
Организациите на Навални беа забранети поради екстремизам, во јуни, пред изборите на 19 септември.
Партијата Единствена Русија на Путин победи на изборите, а радикалната опозиција не смееше да учествува.
Цел на новата кривична истрага се двајцата најблиски соработници на Навални, Иван Жданов и Леонид Волков, кои со месеци живеат во егзил, како и многу други противници на Путин.
Предмет на истрагата е и Љубов Собол, друг соработник на Навални.
Руските власти ги обвинуваат дека сакаат да ги дискредитираат државните органи и нивната политика, да ја дестабилизираат ситуацијата во регионите, да ја разбудат желбата за народни протести и да ја убедат јавноста во потребата да се промени власта со насилство.
Нелегалните протести што ги организирале, според властите, служеле како повици за екстремистички и терористички дела.
Доколку бидат осудени, Навални, Жданов и Волков се соочуваат со затворска казна од 6 до 10 години, а другите како Собол од две до шест години.