Подобро смрт од чоколадо отколку од коронавирус, вели на шега американската писателка Геј Кортер, која заедно со нејзиниот сопруг се наоѓа во карантин на крузерот „Дајмонд принцес“, пренесува „Њујорк пост“. Американката на овој начин сакаше да го пофали готвачот задолжен за подготвување на слатки на крузерот, кој според неа е вистинскиот херој за време на тешката ситуација. Тројцата македонски државјани на бродот засега се во добра состојба, додека бројот на заразени се искачи на 174 лица, по откриените нови 39 случаи.
– Сместени сме во кабина која има и тераса, па барем можеме да излеземе надвор. Храната од ден во ден станува подобра. За мене вистинскиот херој во целава ситуација е готвачот кој прави десерти. Тој смета дека смртта од чоколадо е подобра од смртта предизвикана од коронавирусот, па затоа ни подготвува секакви видови слатки – вели Кортер во интервју за „Скај Њуз“.
Таа и нејзиниот сопруг Фил, кој режира документарни филмови, претходно сметаа дека крузерот наликува на казнено-поправен дом со лоша храна.
– Имаме 75 и 77 години, нашиот имунитет не е баш силен и ние сме ранлива категорија. Не се чувствуваме безбедно во нашите соби – објаснува Кортер.
Тие се обратиле на нивната осигурителна компанија, која е подготвена да испрати тим за евакуација од бродот и нивно префрлање во посебен карантин во воената база во Окинава. Потоа би следувало враќање на брачниот пар на американско тло. Но, владите на Јапонија и САД не го дозволуваат тоа.
– Засега не сме заразени од вирусот, но постои страв дека воздухот кој циркулира може да ги зарази патниците. Не ме засега како ќе се вратиме дома, само сакам да не се вратиме во ковчези – вели загрижената новелистка.