Италија долги години се бореше против влијанието на домашната мафија, но во моментов криминално здружение од Нигерија започнува да добива сила во италијанското подземје. Нигеријците сега криминално делуваат на северот во Торино и на југот од Палермо, констатираат од „Вашингтон пост“.
Нигериската група шверува дрога и криумчари жени, кои потоа ги „вработува“ како проститутки на улиците на Италија. За да го прошират бизнисот, криминалците од Африка наоѓаат нови членови меѓу големиот број на мигранти кои пристигнуваат во земјата, со нелегална регрутација во владините центри за азиланти.
Надлежните сметаат дека нигериската мафија профитирала со големиот број на мигранти кои постојано пристигнуваат во Италија во изминатата деценија, односно преку сценариото за поврзување на криминалот и мигрантите, на што укажуваат и десничарите во европската политика.
Во момент кога десницата започнува да ја води политиката во земјата, Италија не се бори само со странската мафија во нивната земја, туку и со прашањето дали стравувањата за миграцијата започнуваат да се реализираат.
За лидерите кои ја преземаа власта во земјата со ветувања дека ќе ја запрат „инвазијата“ на мигранти, нигериската мафија им помага да го оправдаат затворањето на границите минатата година. Најпознатиот италијански политичар, воедно и краен десничар, Матео Салвини, ги искористи криминалните дејствија на африканската мафија, велејќи дека тие претставуваат голема закана и дека мораат да бидат итно искоренети.
– Сепак, за противниците на десничарите, нигериската мафија се покажа како многу посериозен проблем, кој е тешко да се ублажи. Без разлика, тие велат дека овој конкретен случај се користи како орудие против сите мигранти. Тие сметаат дека оваа мафија главно делува во населби во кои живеат мигранти, со закана за жителите слична како онаа за Италијанците кои живееле под домашната мафија – анализираат од „Вашингтон пост“.
Нема конкретни проценки за тоа колку членови има нигериската мафија во Италија. Информациите од детективите, обвинителите, хуманитарците и жртвите на трговија со луѓе, покажуваат дека сега земјата е европски центар на криминалната организација, шверцувајќи кокаин од Јужна Америка, хероин од Азија, како и десетици илјади жени како бело робје.
Италијанските истражувачи велат дека нигериската група ја исполнува дефиницијата на мафија, а не онаа на криминална банда, бидејќи има код на однесување и ја користи моќта на групата за да заплашува и замолкнува.
Иако можеби не е толку позната како криминалните групи во Јапонија, Русија и Кина, нигериската мафија стана „најструктурирана и динамична“ странска криминална група која делува во Италија. Некои Нигеријци нелегално влегуваат во Италија за да им се прикучат, а некои се регрутирани по нивното пристугнување.