На илјадници богати лица од Москва денеска им беа објавени личните податоци на Интернет. Објавени се имиња, адреси за домување и броеви на мобилни телефони.
Сите лица, на кои им се објавени податоците, се клиенти на московскиот интернет провајдер „Акадо Телеком”, компанија во сопственост на милијардерот Виктор Векселберг.
Компанијата соопшти дека истрагата е во тек.
По увидот во објавените информации, препознаен е телефонски број на висок претставник на руската Влада, потоа на познат режисер, како и роднина на еден од најистакнатите бизнисмени.
– Сите податоци се објавени во базата на податоци на Регионалниот интернет регистар за Европа, Блискиот Исток и делови од Централна Азија – изјави ИТ специјалистот Владислав Здолников.
-„Акадо Телеком” е одговорен за податоците што ги објавува во базата на податоци на Интернет регистарот, вели Алексеј Семењак, директор на Регионалниот интернет регистар.
Тој потврди дека „Акадо Телеком” навистина ги објавил личните податоци на своите клиенти во таа база на податоци и оти до нив може слободно да се пристапи.
Во Русија е нелегално објавување на лични податоци од 2006 година, а пропишана е и парична казна од 50.000 рубли, односно 756 американски долари.