Договорот склучен со посредство на Русија засега стави крај на борбите во Нагорно Карабах, но Ерменците ги напуштаат и палат своите домови додека Азербејџаните планираат да ги вратат одамна загубените територии
Автори: Антон Тројановски и Карлота Гал
Њујорк тајмс
По војната меѓу Ерменија и Азербејџан
Автомобили, камиони и комбиња преполни со сите неопходни лични предмети, како мебел, стока и стаклени врати, на Ерменците кои бегаа доцна ноќта во саботата, направија метеж на планинските патишта. Тие зад себе ги оставија и ги запалија домовите, обвивајќи го својот егзодус во кисел чад и портокалов сјај. Постари урнатини се забележуваа во близина на скоро запалените куќи, остатоци од домови напуштени пред 25 години, кога Азербејџанците избегаа, а Ерменците се населија во регионот.
Во јужниот дел на Кавкаските планини на границата меѓу Европа и Азија, минатиот викенд се случи пресвртница во долгогодишниот конфликт меѓу Ерменија и Азербејџан околу изолираниот и планински предел за кој двете страни полагаат права. Во 1990-тите години, токму Азербејџанците беа принудени да го напуштат, а сега Ерменците, што претставува обновување на нивната трагедија и триумф за противниците.
Договорот склучен со посредство на Русија стави крај на шестнеделната војна во која загинаа илјадници, а Азербејџан вчера требаше да ја преземе контролата врз отцепениот, етнички ерменски регион на Нагорно Карабах, кој е дел од Азербејџан според меѓународниот закон.
– Како да го запалам имотот, кога совеста не ми дозволува – зборуваше Ашот Канесјан, педесет и тригодишниот Ерменец за домот што го изградил, додека требаше да замине за градот Келбеџер, а соседите го убедуваа да ја запали куќата. Потоа ги врза и смести кокошките, а зад себе ја остави бавчата со компири.
„Њујорк тајмс“ успеа да отпатува до ерменски контролираните области и до Баку, главниот град на Азербејџан, за да го документира овој клучен момент за двете страни од конфликтот. Војната вовлече некои од најголемите меѓународни сили, со тоа што Турција го поддржа Азербејџан, а Русија се бореше да ги запре борбите во регионот кој некогаш беше под нејзина власт.
Руските мировнички сили кои го надгледуваат предавањето на контролата во петокот влегоа во округот Келбеџер со вооружени оклопни транспортери. Еден контролен пункт подигнаа кај вековниот манастир Дадиванк, за кој Ерменците, кои се претежно христијани, стравуваат дека ќе го опустошат Азербејџанците, кои се претежно муслимани. Состојбата е целосно спротивна во Баку, главниот град на Азербејџан. Таму речиси на секој објект се поставени славенички знамиња кои висат од терасите и прозорците, со нив се покриваат автомобилите и со нив се шетаат тинејџери на гробиштата на Алејата на мачениците, што се наоѓа на еден рид на Каспиското Море. Голем дел од Азербејџанците излегоа на улиците да прославуваат во вторникот откако претседателот Илхам Алијев соопшти рано утрото дека војната е завршена и дека ерменските сили ќе се повлечат од три соседни окрузи на Нагорно Карабах, со што тие ќе бидат вратени под азербејџанска контрола.
– Среќни сме затоа што конечно победивме, фала му на Бога. Конечно луѓето од Нагорно Карабах ќе можат да се вратат дома – порача Ибрахим Ибрахимов (18), студент по компјутерски науки, додека со двајца пријатели се шеташе во близина на брегот во Баку.
Ерменците и Азербејџанците живееја заедно долго време додека двете држави беа во рамки на Советскиот Сојуз, но вековната етничка нетрпеливост повторно се разгоре кога се распадна комунизмот. Нагорно Карабах, кој е етнички ерменски, потпадна под азербејџанска власт. Ерменија ја доби војната за територијата на почетокот од 1990-тите години, во која загинаа 20.000 лица, а милиони беа раселени од кои повеќето Азербејџанци. Азербејџанците не само што беа протерани од Нагорно Карабах, туку и од други седум соседни окрузи, како Келбеџер, каде што тие претежно живееја. Целиот регион стана меѓународно непризната етнички ерменска република Нагорно Карабах. Азербејџанската желба за да ги врати таму своите граѓани кои беа отселени од своите домови прерасна во водечка сила во политиката. Речиси милион лица беа иселени во првата војна меѓу двете држави во 1990-тите години и потоа населени во градовите и областите ширум Азербејџан. Многу од семејствата сè уште живеат во преполни станови во и околу Баку, а сите ветувања за враќање во своите домови завршуваа со разочарување.
Во саботата, во бурните часови пред да помислат дека Азербејџан ќе ја преземе контролата врз округот Келбеџер (рокот да се напушти беше продолжен за 10 часа во неделата), Ерменците кои требаше да ги напуштат домовите беа решени максимално да им го отежнат доселувањето. Тие ги срушија далноводите, ги демолираа рестораните и бензинските пумпи. Мажи со моторни пили сечеа дрва крај патиштата и трупците ги товареа во камиони и комбиња.
Но дури и во ваквите тешки моменти, некои постари Ерменци се сеќаваат носталгично на деновите кога имало соживот со Азербејџанците, што се смета за релативно блиско минато, кое помладите генерации тешко можат да го замислат. Игор Бадалјан (53) е Ерменец кој го напуштил родниот град Баку пред 25 години и вели дека политичарите, а не обичниот народ, се единствените виновници за конфликтот.
– Луѓето се испровоцирани и затоа се борат меѓу себе како кучиња. Тажно е тоа што се случува, не сакавме вака да биде – порача тој од Дадиванк во петокот, додека на заминување со сопругата собираа камчиња и земја.
Превод: Билјана Здравковска