Би-би-си
Во јануари во 2002 година, по вечерата во еден ресторан Елоди Кулик на патот кон дома, била киднапирана, силувана и потоа убиена. Тогаш дваесет и четиригодишната девојка работела како шефица во банка во северниот француски град Перон, кога нејзиниот автомобил бил пресретнат, а додека барала помош од полицијата, била насилно одвлечкана од возилото. Полицијата не уапсила ниеден осомничен во истрагата која потоа била прекината.
По беспоштедните заложби на нејзиниот татко и новите ДНК анализи, конечно по 17 години еден осомничен беше изведен пред лицето на правдата. Вили Бардон (45) ги негираше обвиненијата за киднапирање, силување и убиство на првото судско рочиште во Амиен. На рочиштето присуствуваше и нејзиниот татко Жеки Кулик, кој претходно во сообраќајна несреќа ги изгубил двете малолетни деца, а неговата сопруга починала во 2011 откако се обидела да се самоубие.
Случајот за убиството на Елоди бил замрзнат речиси десет години, додека со помош на напредната анализа на ДНК не биле откриени докази со кои се идентификувал еден од напаѓачите. Нејзиното тело го пронашол еден земјоделец во напуштена воздухопловна база. Истражителите успеаја да ги обработат доказите од местото на настанот дури десет години подоцна. Убијците дури на неколку места го гореле телото на Елоди, а биле пронајдени презерватив со четири нецелосни примероци на ДНК и еден отпечаток. Во текот на истрагата, полицијата испрашала 10.000 лица и прегледала 14.000 телефонски разговори, но базата на податоци за испитување на примероци на ДНК во тоа време не била толку развиена за разлика од денес.
Во 2011 година, полицискиот началник Емануел Фам Хоаи употребил поинаков метод за анализа на примероци на ДНК и конечно добил доказ за еден осомничен кој веќе бил во затвор. Во понатамошната истрага се открил уште еден од сторителите (Грегори Виар), кој загинал во сообраќајна несреќа во 2003 година.
Полицијата испрашала неколку членови на неговото семејство, вклучувајќи го и Вили Бардон, кој потекнувал од исто село како Виар. Гласот на Бардон бил препознаен во телефонскиот повик на Елоди до полицијата, откако сведоци потврдиле дека тој зборувал во позадина. Еден од адвокатите на Бардон, Стефан Дако, изјави за „АФП“ дека „ова единственото судење во кое е обвинет единствениот човек чија ДНК не е пронајдена на местото на злосторството, за разлика од останатите сведоци“.
Конечната пресуда ќе биде донесена на почетокот на идниот месец.
Превод: Билјана Здравковска