Американскиот потпретседател Мајк Пенс ги објави плановите за формирање на Вселенски сили до 2020 година, со цел да се осигури доминацијата на САД во вселената, наспроти засилената конкуренција од Русија и од Кина. Но, мислењата за амбициозниот проект се поделени во јавноста во САД, па се очекува тој да се соочи со бројни предизвици до реализацијата, според американските медиуми.
Во неговиот говор во Пентагон, американскиот потпретседател посочи дека во вселената, која некогаш била мирна, сега настанал метеж кој создал ривалство.
– Претходните администрации ги запоставуваа растечките безбедносни закани настанати во вселената. Нашите ривали ја претворија вселената во терен за водење војна и САД нема да потклекне на предизвикот – кажа Пенс.
Тој соопшти дека ќе биде формиран елитен тим за водење војни во вселената, познат по називот Сили за вселенски операции, како и Вселенска команда, што ќе треба да осмислува доктрина и стратегии за вселенските војни.
Претседателот Доналд Трамп, пак, на Твитер изрази поддршка за плановите, пишувајќи „Вселенски сили до крајот!“. А неговата идеја стана предмет на потсмев, токму на оваа социјална мрежа. „Дали членовите на Вселенските сили ќе носат униформи на стормтрупери (војниците на Империјата од филмскиот серијал Војна на ѕвездите – н.з.)“, гласи еден од коментарите. Познатиот водител Џими Кимел, исто така, се шегуваше на оваа тема во неговата емисија, со скеч проследен со пораката „пријавете се за Вселенските сили веднаш. Подоцна ќе откриеме што всушност се тие“.
Space Force all the way!
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) August 9, 2018
Се предвидува Вселенските сили да станат шести род на армијата на САД, односно прв нов уште од 1947 година, доколку биде реализиран планот за нивно формирање. Но, ваквите планови треба да добијат поддршка во Конгресот на САД, каде што ќе бидат оспорени, особено од демократите. Сенаторот Брајан Шац порача дека Републиканците се плашат да му кажат на Трамп оти неговата идеја е лоша.
– Иако Вселенските сили нема да се остварат, опасно е да имате лидер што не може да го одвратите од таквите луди идеи – напиша Шац на Твитер.
Пензионираниот астронаут Марк Кели, пак, го нарече предлогот за формирање на Вселенски сили „глупава идеја“.
Противниците на идејата на Трамп, истакнуваат дека формирањето на Вселенските сили е непотребно, бидејќи кибер-нападите се поголема закана за безбедноста на САД, како и дека новиот проект ќе создаде големи трошоци и пренатрупаност со кадар, бидејќи се предвидува дека ќе треба да бидат распоредени 10 до 15 илјади нови вработени за негово функционирање. М.Ж.
Поддржувачите на американскиот претседател веќе бираат лого за Вселенските сили
Менаџерот на кампањата за реизбор на Трамп во 2020 година, Бред Паскали, веќе побарал од поддржувачите на американскиот претедател да учествуваат во изборот на лого за Вселенските сили, од шесте понудени решенија.