Експертите предупредуваат дека зајакнувањето на американската ракетна одбрана само ќе ги зголеми стравовите на Москва и на Пекинг. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги обелодени плановите за големо проширување на ракетната одбрана на САД, чија цел е уништување на непријателските проектили каде било и кога било
Најавите на Пентагон за поагресивна ракетна одбрана може дополнително да ја разгорат трката со оружје со Русија и Кина. Експертите предупредуваат дека зајакнувањето на американската ракетна одбрана само ќе ги зголеми стравовите на Москва и на Пекинг. Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги обелодени плановите за големо проширување на ракетната одбрана на САД, чија цел е уништување на непријателските проектили каде било и кога било. Со извештајот за ракетна одбрана што го претстави Трамп се бара голема надградба на копнените и поморските системи за пресретнување проектили, како и развој на сателитски сензори за следење на новите типови крстосувачки проектили и хиперсонични ракети.
Во извештајот е наведено дека нуклеарното одвраќање е главна одбрана против големите нуклеарни сили, како Русија и Кина, кои поседуваат големи и софистицирани арсенали. Според документот, прв ваков по 2010 година, главна цел на напредните системи за ракетна одбрана е справување со заканата од добро вооружените „одметнати држави“ – Северна Кореја и Иран.
Седум месеци откако Трамп објави дека севернокорејската закана е елиминирана, во новиот извештај за ракетна одбрана на Пентагон се предупредува дека Пјонгјанг и натаму претставува голема закана и затоа САД мора да останат крајно внимателни и подготвени. Документот сугерира дека системот на сензори, радари и пресретнувачи би можел да биде употребен против многу поширок спектар на непријатели, вклучувајќи ја и одбраната на американските сили и сојузници во Пацификот и Европа против руски и кинески хиперсонични и крстосувачки проектили. Но Трамп отиде уште подалеку, претставувајќи го планот како потенцијален одговор за сите идни ракетни закони.
– Нашата цел е едноставна, да се осигуриме дека можеме да ја откриеме и уништиме секоја ракета лансирана против САД, каде било и кога било. Посветени сме на основање програма за ракетна одбрана што може да го заштити секој град во САД. И никогаш нема да преговараме за нашето право да го сториме тоа – истакна Трамп.
Експертите за контрола на оружјето стравуваат дека извештајот и најавите на Трамп може само дополнително да го зголемат стравот кај Русија и Кина, за тоа дека американската ракетна одбрана има цел за намалување на нивниот капацитет за одвраќање. Новите планови на Пентагон може да ги принудат овие држави да произведуваат нови проектили со капацитет за заобиколување на американската одбрана и да ја разгорат трката за вооружување.
– Ова е динамиката на акција-реакција, која се случуваше во Студената војна и поради тоа завршивме со 60.000 нуклеарни боеви глави – оценува за „Гардијан“ Лаура Грего од програмата за глобална безбедност при Сојузот на загрижени научници.
Исто така постои загриженост за тоа дали екстремно скапите системи за ракетна одбрана може воопшто да функционираат. На досега спроведените тестови, американските ракети-пресретнувачи погодија околу 50 отсто од нивните цели.
– Интегрираните вселенски системи вредат за истражување, но немаме неограничени ресурси, па затоа инвестициите мора да бидат вклучени помеѓу конкурентните приоритети за национална безбедност – истакна демократскиот сенатор Џек Рид.
Исто така, неизвесно е дали Конгресот ќе даде зелено светло за амбициите на Трамп за ракетната одбрана, особено ако се земе предвид мнозинството на демократите во Претставничкиот дом на Конгресот. Конгресот го одби сличниот амбициозен план што го подготви администрацијата на претседателот Џорџ. В. Буш. И покрај тоа, САД потрошија речиси 300 милијарди долари на ракетната одбрана од 1983 година, кога тогашниот претседател Роналд Реган ја претстави својата програма „Ѕвездени војни“.
Мајкл Грифин, еден од раководителите на програмата „Ѕвездени војни“, сега е заменик-секретар за одбрана, надлежен за истражување и инженерство во администрацијата на Трамп и има клучна улога во промовирањето на новите планови за ракетна одбрана. Според него, САД може да си ги дозволат новите системи.
– Не станува збор за некои огромни суми – додаде Грифин.
Сепак, Мелиса Ханман, експертка при фондацијата „Една иднина на Земјата“, предупредува дека секоја идеја оти ракетната одбрана може да ја ограничи штетата од нуклеарна војна е „чиста фантазија“.
– Многу ќе бевме побезбедни досега ако инвестиравме толку пари во намалување на тензиите и на бројот на системи за ракетна одбрана – заклучува Ханман.
Администрацијата на Трамп планира воведување вселенски сили до 2020 година, како нов разгранок на американската војска, покрај армијата, морнарицата, авијацијата, маринците и крајбрежната стража. Независниот разгранок не може да биде основан без дозвола од Конгресот, но администрацијата може да преземе неколку чекори на своја рака, за да се подготви за лансирање на новите сили, први по формирањето на американските воздушни сили непосредно по крајот на Втората светска војна.