Убаво облечена жена беше во обилколка на блескав, осветлен маркет во Пјонгјанг, каде што и други жени во високи потпетици ги разгледуваа полиците и фрижидерите исполнети со пијалаци, слатки и со друга храна. Таа се наоѓаше таму за да ја открие вистината откако се појавија меѓународните извештаи за можно панично купување во Северна Кореја, пишува „Њујорк тајмс“. Жената ги праша купувачите и продавачите дали има недостиг на одредени производи, што не беше случајот. Таа праша и дали се случил раст на цените, дознавајќи дека тоа се однесува само на увезените производи кои Севернокорејците вообичаено ги одбегнуваат.
– Мислам дека лажните вести се последното нешто што ни треба во време на жестоката битка со коронавирусот – им кажа таа на англиски на 32.900-те гледачи на нејзиниот јутуб-канал „Ехо на вистината“.
Младата жена позната како Ун А, е новото лице на севернокорејската пропаганда, и нејзината појава претставува обид за создавање на помодерен имиџ на изолираната диктатура, која ја поврзуваат со прекршувањето на човековите права и со нуклеарниот арсенал.
Осмислена за глобалната публика во ерата на социјалните мрежи, пораката спонзорирана од државата во видеата со квалитетна продукција, е едноставна – Севернокорејците се исти како и сите останати луѓе. Тие се занимаваат со спорт во слободното време, пазарат во трговските центри и јадат пица.
Станува збор за лажна верзија на Северна Кореја која лидерот Ким Јонг-ун сака светот да ја види, додека тој ја турка неговата агенда дома и во странство. Ким наводно, во повеќе наврати сакал неговиот народ да тежнее кон „меѓународните и модерни“ стандарди, додека се обидува да ги убеди другите држави дека Северна Кореја може да живее во мир, се додека и биде дозволено да го задржи нуклеарното вооружување.
Медиумска кампања на Ким во голема мера се разликува од пропагандните снимки на генерациите на неговиот татко и дедо во кои севернокорејските лидери се појавуваа на воени паради исполнети со антиамерикански слогани. Таквата пропаганда помогна во зацврстување на домашниот имиџ на семоќен режим подготвен да се соочи со непријателите.
Сега, пак, младите жени како што е Ун А, промовираат попријателски аспекти на Северна Кореја, особено прикажувајќи го главниот град Пјонгјанг. Тие ги носат гледачите во ресторани, маркети, во реновираното метро, како и во добро опремените домови на средната класа. Тие понекогаш зборуваат на англиски, а видеата имаат англиски, кинески и германски превод. Елегантно облечените жени вообичаено носат беџови со ликовите на севернокорејските лидери што е доказ на нивната лојалност.
Новата пропаганда е дел од напорите на Ким за модернизирање на државата и за пристапување на меѓународната сцена како што тоа го прават другите светски лидери. Во рамки на оваа практика Ким го смени и начинот на облекување како и лидерскиот стил, впуштајќи се во покомерцијални активности за помагање на малите бизниси и средната класа. А програмата на националната телевизија исто така се опишува како „поведра“. Стратегијата за пропаганда е поттикната и од инвазијата на странски вести и забавна програма во Северна Кореја, главно од јужнокорејските филмови и серии кои стана популарни и покрај забраната. Сега социјалните мрежи и медиуми и пружаат на Северна Кореја лесен и ефикасен начин да ја прошири нејзината нова порака.