Во Париз денеска почна судење на пет жени, кои во 2016 година се обидоа да извршат напад со автомобил во близина на Богородичната црква, објави „Гардијан“.
Инес Мадани и Орнелиа Гилигман го паркирале нивниот автомобил, без регистарски ознаки, на улица во центарот на Париз, која е сместена пред ресторан во близина на катедралата Нотр Дам. Во возилото имало шест шишиња со гас. Едната жена го потурила возилото со гориво, а потоа на него фрлила запалена цигара.
Тие одбрале дизел гориво, кое е помалку запалливо од стандардниот бензин, но и покрај нивните настојувања, автомобилот не се запалил, по што побегнале. Ако се запалел, ќе предизвикал голема експлозија и пожар.
-Не успеале во тоа зошто одбрале погрешно гориво, инаку би се случил масакр- рекле истражните судии.
Мадани, која тогаш имала 19 години, за нападот го искористила автомобилот на нејзиниот татко. Неговите адвокати ја опишале како девојка која бара признание и љубов.
И претходно ѝ се судело за терористички активности. Тогаш се дознало дека била во контакт со клучни лица од Исламска држава во Сирија и дека служела како менторказа подведување девојки во францускиот оддел на терористичката организација.
На социјалните мрежи користела машки псевдоним на борец од ИД, претставувајќи се како маж за поуспешно да наговори други жени да се придружат на Исламска држава. Кога со нив разговарала преку телефон, користела уред кој го менува гласот и во романтичен стил ги наговарала.