Во насока на завршување на 18-годишниот воен конфликт, влијателни Авганистанци и претставници на талибанците на самит договорија план за мир и завршување на војната, пренесе Би-би-си.
Необврзувачкиот договор повикува за крај на цивилните жртви и заштита за правата не жените во рамката на исламот. Во исто време, САД и талибанците продолжуваат со преговорите за завршување на конфликтот.
Седмата рунда на преговори меѓу американците и бунтовниците треба да продолжат во четврток, со надеж дека ќе се договорат за повлекување на трупите на САД од Авганистан, доколку тие ветат дека нема да ја користат земјата како база за тероризам.
Талибанците одбиваат да одржат директни преговори со авганистанската влада сè додека САД не најави конкретен план и точните датуми за повлекување од земјата.
Повеќе од 45 илјади членови на безбедносните сили беа убиени во конфликтот во последните пет години, а само во првите три месеци од оваа година убиени се 581 цивили и повредени се 1200 лица, според информациите на Обединетите нации.
Ветувањето дека и двете страни ќе се обидат да ги намалат цивилните жртви доаѓа откако пред некое време талибанска автомобил-бомба експлодираше во близина на владина зграда во градот Газни, каде загинаа 14 лица и беа повредени голем број на деца.