На Џо Бајден му се потребни уште шест електорски гласови за да дојде до бројот од 270 кој ќе значи и негов избор за нов претседател на САД, откако кандидатот на Демократската партија оствари победа во сојузната држава Мичиген. Тоа значително ја ограничи можноста за реизбор на Доналд Трамп, додека се очекуваат резултатите од уште четири клучни држави, пишува „Фајненшл тајмс“.
Во игра остануваат Пенсилванија, Северна Каролина и Џорџија, додека гласовите се пребројуваат и во Невада. Бајден има 264 електорски гласови, а Трамп 214 според последните проекции на „Асошиејтед прес“. Додека се бројат и последните гласови, двата ривала имаат можности за победа.
Кампањата на Бајден ја смета Пенсилванија, која носи 20 електорски гласови, за клучна, со што тој би можел да стане претседател со победа таму или пак доколку освои мнозинство во уште некоја сојузна држава каде што допрва се очекуваат резултатите. Во Пенсилванија се очекуваат тесни резултати кои би можеле да бидат оспорувани. За да стигне до 270 електорски гласови, Трамп мора да победи во Пенсилванија, како и во сите други преостанати држави каде што уште се чекаат резултатите, според тековните предвидувања.