Во Канада денеска се одржуваат парламентарни избори на кои ќе се одлучи дали премиерот Џастин Трудо, кој ја презеде функцијата пред четири години, ќе остане на власт по два големи скандала.
Трудо (47), кој во финалето на кампањата беше поддржан и од поранешниот демократски американски претседател Барак Обама, се смета за еден од последните прогресивни лидери во најголемите светски демократии.
Неговата кампања, сепак, беше потресена од скандал кога се откри дека тој во минатото на два маскенбала се појавил со црно обоено лице, а беше критикуван и за тоа како се бореше против корупциската афера со најголемата градежна компанија во Канада.
Тудо, син на поранешниот канадски премиер Пјер Трудо, исто така, мора да се справи и со заморот на граѓаните со неговата влада.
Неговите либерали и опозициските конзервативци, предводени од Ендрју Шир, според анкетите, водат тесна борба за гласови, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Пред само една година, никој не би помислил дека Трудо ќе биде во опасност да стане првиот канадски премиер од 1930 година кој не би обезбедил втор мандат.
Најновите анкети покажуваат дека тој би можел да обезбеди тенко мнозинство во Долниот дом на парламентот, кој има 338 места.
Во тој случај, Трудо ќе треба да бара поддршка од левичарските партии.
Вкупно пет партии се натпреваруваат на парламентарните избори во Канада.