Поглаварот на Римокатоличката црква именува специјален обвинител по скандалот со наводни финансиски малверзации. Папата Франциско го именуваше еден од водечките обвинители за борба против мафиите за претседател на кривичниот трибунал на Ватикан во моменти на избивање нов скандал околу наводни финансиски малверзации во срцето на Светата столица.
Џузепе Пинјатоне е именуван вчера, два дена откако полицијата изврши рација во Апостолската палата и заплени документи и компјутери од државниот секретаријат. Претресена е и канцеларијата за финасиски надѕор на Ватикан, која е задолжена за регистрирање на можно перење пари и други финансиски трансакции.
Прес-службата на Ватикан не сакаше да објави повеќе детали за рациите. Како што се наведува, трансакциите се однесуваат на ватиканските недвижнини во Лондон.