Палестинското министерство за здравство соопшти дека израелските вооружени сили убиле најмалку 58 лица, а раниле 2.771 Палестинец. Шестмина од убиените демонстранти се малолетни лица. Вкупно 1.373 ранети демонстранти добиле прострелни рани
Билансот на жртвите од судирите помеѓу Палестинците и израелската војска во Газа се искачи на најмалку 58 убиени лица и над 2.700 ранети. Повеќето од ранетите палестински демонстранти имаат прострелни рани, а помеѓу жртвите има и осуммесечно бебе, кое починало од задушување со солзавец. Насилните протести избувнаа поради завчерашното отворање на американската амбасада во Ерусалим, која беше преселена од Тел Авив. И додека палестинската страна ги пребројува жртвите, САД го блокираа усвојувањето коминике во Советот за безбедност на ОН, со кое се бара итна истрага за смртоносните судири во Појасот Газа.
Палестинското министерство за здравство соопшти дека израелските вооружени сили убиле најмалку 58 лица, а раниле 2.771 Палестинец. Шестмина од убиените демонстранти се малолетни лица. Вкупно 1.373 ранети демонстранти добиле прострелни рани. Според министерството, меѓу жртвите во судирите на границата меѓу Појасот Газа и Израел е и осуммесечно бебе, кое починало откако вдишало солзавец. Не е јасно како бебето, идентификувано како Лејла ал Гандур било изложено на солзавец за време на судирите.
Во меѓувреме, не стивнува дипломатската бура од најновата ескалација на насилствата во Газа, кои се закануваат да го дестабилизираат целиот Блиски Исток. Вашингтон во Советот за безбедност го блокира усвојувањето на соопштението за осуда на насилствата. Во отфрленото коминике, Советот за безбедност ја изразуваше својата вознемиреност од смртта на палестинските цивили, кои го користеле своето право на мирен протест. Во текстот се бараше независна и транспарентна истрага за трагичните настани.
– Советот за безбедност потврдува дека секоја одлука или потег што претендира да ги промени карактерот, статусот или демографскиот состав на светиот град Ерусалим нема никакви правни последици и треба да биде спречено во согласност со соодветните резолуции во Советот за безбедност – се наведува во документот, кој беше блокиран од американскиот претставник во Советот за безбедност.
Претходно, Белата куќа го обвини палестинското милитантно движење Хамас дека е одговорно за хаосот и големиот број жртви на границата со Израел.
– Одговорноста за трагичната смрт на тие луѓе целосно е на Хамас. Хамас смислено и цинично испровоцира таква реакција – изјави портпаролот на Белата куќа, Раџ Шах.
Американскиот претседател Доналд Трамп во снимената порака, која беше емитувана на церемонијата на отворањето на амбасадата во Ерусалим, изјави дека и понатаму е посветен на мирот помеѓу Израел и Палестинците.
– Нашата најголема надеж е мирот. САД остануваат целосно посветени на овозможување траен мировен договор. САД секогаш ќе бидат голем пријател на Израел и партнер во стремежот кон слободата и мирот – порача Трамп.
И додека Германија го повика Израел на воздржаност, а францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди акциите на израелската војска, Шведска сигнализира дека Европската Унија нема единствен став за конфликтот помеѓу Палестинците и Израел. Шефицата на шведската дипломатија Маргот Валстром изрази жалење поради тоа што Унијата нема единствен став за израелско-палестинскиот конфликт. Таа во интервју за Шведското радио порача дека ќе се најде некакво решение за новонастаната ситуација. Валстром потсети дека ЕУ од 2009 година има заедничка платформа за решавање на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на концептот за две држави.
– Сите разбираат дека преместувањето е голем и негативен чекор. Тоа го менува целиот баланс и е спротивно на резолуциите на Обединети нации – истакна Валстром.
Според „Ројтерс“, три земји-членки на ЕУ – Чешка, Унгарија и Романија не сакаат да го осудат дислоцирањето на Амбасадата на САД.
Израелската армија удри врз Хамас во Газа
Израелската армија соопшти дека уништила повеќе објекти на Хамас во Појасот Газа, како одговор на масовните гранични протести. Израелските авиони нападнале 11 „терористички цели“ во воен објект на Хамас, а тенковите уништиле уште два објекта. Израелската армија соопшти дека демонстрантите завчера употребиле 10 експлозивни направи и молотови коктели, а и пукале врз војниците распоредени на границата.