Денеска, рано изутрина, источната германска покраина Тирингија забележала најниски температури во цела Германија, јавува германската метеоролошка служба (ДВД).
Градот Милхаузен бил рекордер со најниска температура од -26,7 °C, по што следат Олберслебен со -26 °C и Дахвиг со -25,7 °C. Според ДВД, сепак, овие температури и натаму се далеку од најстудените температури некогаш измерени во земјата. Рекордот сè уште го држи Хул во Баварија, каде во 1929 година биле забележани -37,8 °С.
Вчера, ниските температури и снегот предизвикале големи сообраќајни проблеми низ Германија. И денес има проблеми со железничките линии.
– Денес и во следните неколку дена, патниците во многу делови на земјата треба да очекуваат значителни ограничувања во локалниот и меѓуградскиот сообраќај поради временските услови – рече портпаролката на германската железница.
Поради лошите временски услови, сообраќајот е отежнат и на аеродромите, а некои, како оној во Дортмунд, целосно ги стопирале летовите.
Министерот за транспорт, Андреас Шеуер, ги повика граѓаните да се воздржат од патувања.
Иако се предвидува дека до крајот од неделата врнежите од снег ќе се намалуваат, температурите ќе останат екстремно ниски.
Во Берлин, дневните температури од четврток до викендот ќе бидат околу -1 °C или -2 °C – подобрување во однос на почетокот на недлава кога се спуштија на -10 °C.