Зацврстената моќ на Ким Јо-јонг и „револуционерната“ крв ја прават можен наследник на нејзиниот брат во патријархалната Северна Кореја
Автор: Чо Санг-хун
Њујорк тајмс
Кога Северна Кореја одлучи да учествува на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја во
2018-та година и започна привиден период на зближување на полуостровот, нејзината
шармантна офанзива беше предводена со насмевката на Ким Јо-јонг, единствената сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун.
Сега кога Ким Јонг-ун се заканува да му стави крај на кревкото примирје со нов циклус на воинствени акции и воени провокации, неговата сестра повторно зборува во име на
народот, но овој пат со презир кон Јужна Кореја што е сигнал за нејзината зајакната моќ во наследниот режим.
– Многу беше тешко да се слуша неговиот говор. Тој делува дека е луд, иако навидум
изгледа нормално. Затоа одлучив да подготвам канонада од зборови што ќе ја соопштам пред мојот народ – порача Јо-јонг за јужнокорејскиот лидер Мун Џае-ин во вчерашната изјава што се однесуваше на неговата порака во која побара мир на Корејскиот Полуостров.
Во Северна Кореја само неколку други лидери освен самиот Ким можат да дадат таква
изјава во прво лице. Но неговата триесет и двегодишна сестра, која е главна портпаролка на нејзиниот брат и политичка координаторка, има далеку поголема моќ отколку што покажуваат нејзините години и титули: прва заменик-шефица на владејачката Работничка партија и привремена, но не постојана членка на Политбирото.
Систематскиот подем на Јо-јонг дава чувство на континуитет на плановите за наследување на Северна Кореја, како што сметаат аналитичарите. Во Северна Кореја, идните лидери од врвот мора да градат углед на некој што може да им се спротивстави на Јужна Кореја и на САД.
– Проблемот со Ким Јо-јонг како наследничка е што е жена и сè уште е млада. Нејзиниот брат ѝ помага во водството на офанзивата кон Јужна Кореја и го зацврстува нејзиното лидерство, за таа да може да ги неутрализира сите сомневања што за неа ги имаат тврдокорните лојални приврзаници во војската и во партијата – посочи Јуо Донг-рил, експерт за Северна Кореја на корејскиот Институт за либерална демократија во Сеул.
Од март, таа започна да дава изјави во нејзино име и да го навредува кабинетот на Мун за неговиот „идиотски начин на размислување“. Таа се пофали со писмото кое Трамп му го пратил на нејзиниот брат во март и го нарече „добра проценка“, но не доволна за
подобрување на односите.
Од минатата недела, државните новински медиуми во Северна Кореја ја отсликуваат како диригентката на брзи и отсечни изјави и потези што ги зголемија тензиите на Корејскиот Полуостров. Во вторникот, Северна Кореја ја разнесе дипломатската канцеларија за меѓукорејски врски во пограничниот град Каесонг, а еден ден подоцна, севернокорејската армија се закани дека ќе продолжи со дупчење по должина на спорната западна поморска граница со Јужна Кореја.
Ненадејниот анимозитет на Северна кон Јужна Кореја, а до одредена мера и кон САД, може да одрази желба за обединување на државата поради економијата која претрпе тежок удар од пандемијата на коронавирусот и за силната потреба за намалување на
меѓународните санкции, како што смета Леиф-Ерик Изли, професор по меѓународни
студии на женскиот универзитет „Ева“ во Сеул.
Ставањето на Јо-јонг на чело на засилената севернокорејска конфронтација со Сеул и Вашингтон исто така може да му даде „дипломатска флексибилност“ на Ким ако сака да
го промени курсот, како што додава Изли.
– Додека таа ја води офанзивата против Јужна Кореја како генерал, воедно ги замолчува старите тврдокорни членови во Политбирото кои сметаат дека таа не може да биде лидер – посочи Ли Сеонг-хион, аналитичар во институтот „Сеџонг“ кој е истражувачки центар во Јужна Кореја.
Превод: Билјана Здравковска