Сојузникот на американскиот претседател Доналд Трамп го смени целото раководство на американските јавни медиуми, како што се „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“, предизвикувајќи стравување од политизација на информациите на овие медиуми основани за промовирање на идеалите за слобода и демократија во светот.
Директорите на Гласот на Америка (ВОА), Радио Слободна Европа / Радио Слобода, Радио Слободна Азија, Ал Хура и Радио Марти деновиве поднесоа оставки или, пак, се отпуштени од Мајкл Пак, новиот директор на Американската агенција за глобални медиуми (УСАГМ), соопштија пратениците од Конгресот.
Директорката на ВОА, Аманда Бенет и нејзината заменичка Сенди Сугавара, искусни новинарки, објавија дека поднеле оставка во моментот кога Пак, близок соработник на Стив Банон, поранешен директор на претседателската кампања, се подготвувал да ја преземе функцијата.
Пак ги отпуштил другите директори на медиуми во средата и ги распуштил нивните надзорни одбори. УСАГМ не одговори на барањата на АФП за појаснување.
Агенцијата треба да биде независна, финансирана од сојузни средства и да обезбедува објективни информации за земјите во кои нема независни медиуми.
Неколку демократски пратеници изразија загриженост дека Трамп ја засилува контролата врз тие медиуми.
– Мајкл Пак потврди дека неговата политичка мисија е да ја уништи независноста на УСАГМ и да ја ослабне нејзината историска улога – рече демократскиот сенатор Боб Менендез.
Џенет Стиле, експерт за јавна дипломатија од универзитетот „Џорџ Вашингтон“, смета дека отпуштањата – ги потврдуваат најлошите стравувања од оние кои сметаат дека назначувањето на Мајкл Пак е дел од обидот да се претвори УСАГМ во меѓународна пропагандна алатка на администрацијата на Трамп“.
Во април Белата куќа ја обвини ВОА за ширење кинеска „пропаганда“ за пандемијата на коронавирус и им забрани на владините здравствени советници да зборуваат со своите новинари.
– Тој вид на флагрантно политичко мешање отсекогаш претставуваше норма во земјите во развој. Но, не и во САД – рече таа.