Тајван не сака конфронтации, но ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да ја одбраниме нашата слобода, изјави претседателката Цаи Инг-вен по тензиите со Кина што создадоа загриженост кај светските сили. Влогот во американско-кинеското ривалство е дополнително зголемен по откритието на „Волстрит џурнал“ кој објави дека мал контингент на припадници на американските специјални сили и маринци тајно вршел обука на тајванските воени сили во изминатата година.
– Тајван не сака воена конфронтација и се надева на мирен, стабилен и заемно корисен соживот со своите соседи. Но, Тајван исто така ќе стори сé што е потребно за да ја одбрани слободата и демократскиот начин на живот – изјави Инг-вен за време на безбедносниот форум одржан во Тајпеј, додавајќи дека Тајван ќе побара поддршка од други земји доколку се влоши ситуацијата со Кина.
Во изминатата недела 150 кинески воени авиони прелетале над зоната за воздушна одбрана на Тајван, која Кина ја смета за своја територија. Тајван веќе цела година предупредува се жали за ваквите активности, за кои тврди дека се средство за тестирање на неговите вооружените сили и способноста за одбрана. Од друга страна пак, Кина ги обвинува Тајван и неговиот сојузник САД за сегашните тензии.
Американските инструктори првично беа испратени во Тајван од администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп, но нивното присуство не било пријавено досега.
– Ова е важен чекор, но најважно е да не бидеме провокативни со односите и да ја подобриме воената одбрана на Тајван – изјави Џејкоб Стокс, соработник на индо-пацифичката програма за безбедност од „Центарот за нова американска безбедност“.
Според објавата во „Волстрит џурнал“, американските инструктори во Тајван немаат долготрајно присуство во земјата туку постојано се ротираат.
– Тоа дека обучуваме војници во Тајван е еден вид на отворена тајна, но битно е јавно да го споделиме тоа. Кинеската влада знае за вежбите. Ние го кажуваме ова за да се информира кинеската јавност, што потоа ќе создаде притисок врз владата за да преземе нешто – изјави Џулиан Ку, професор по право на универзитетот Хофстра.
Кинеското министерство за надворешни работи преку соопштение ги повика САД да престанат со воената помош за Тајван и остро се спротивстави на каква било форма на воена соработка меѓу двете земји.
На прашањето дали би презеле воени операции за одбраната на Тајван, советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен изјави дека акциите што тие ги превземаат се со цел да се избегне такво сценарио.