Луксузната вила на Џефри Епстајн во Њујорк била сексуално дувло каде што тој ги злоставувал неговите малолетни жртви. Во зданието се пронајдени голем број на фотографии со разголеми малолетни девојчиња, а исто така имало и портрет од богатиот финансиер заедно со уште едно девојче, за кое тој велел дека ја смета за своја ќерка, пренесува „Њујорк пост“.
Според тврдењето Џенифер Араоз, која истапи во јавноста со обвинувања кон Епстајн, таа била однесена на вознемирувачка обиколка во неговиот дом со вредност од 66 милиони долари, кога имала само 14 години. Ова стои во документите поднесени вчера во Судот на Менхетн.
Араоз тврди дека откако била намамена во близина на нејзиното средно училиште од страна на „жена-регрутер“, таа една година била жртва на сексуалното злоставување од страна на Епстајн.
– Госпоѓицата Араоз, по злоставувањето од страна на Епстајн во собата за масажи, била запознаена со друга просторија во вилата, со дизајн сличен на омилената соба на Епстајн од Белата куќа, која тој ја нарекувал „сина соба“. Потоа таа ги видела останатите соби со многубројните слики со разголени девојки – пишува во документите.
За една од девојките на сликите, Епстајн коментирал дека го потсетува на Араоз, додека се уште не е утврден идентитетот на девојка прикажана заедно со Епстајн на споменатиот портрет.
Во раскошната вила има и „соба за трофеи“ исполнета со крзна и со препарирани животни. Собата била со мермерен под, висок таван и во неа имало дури и загрозени видови животни.
Епстајн се соочува со обвинувања за сексуално искористување на малолетни девојки во неговата вила на Менхетн, се заканува да предизвика голем политички скандал во САД, пренесуваат американските медиуми. Обвинителството го отвори случајот по повеќе од 10 години откако широко критикувана спогодба го заштити Епстајн од слични обвиненија на Флорида.
Според обвинението познатиот бизнисмен предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во саботата на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочува со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.