Унгарскиот премиер Виктор Орбан се соочи со бројни критики за време на самитот на Европската Унија (ЕУ) во Брисел, поради унгарскиот анти-ЛГБТ закон, но остана доследен на своите ставови дека законот ќе остане на сила.
Седумнаесетмина од лидерите во ЕУ потпишаа писмо иницирано од луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел, во кое се осудува унгарскиот закон. А од критики кон Орбан се воздржуваа единствено претставниците на Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Романија и на Бугарија.
Остриот судир со Унгарија ги стави во втор план другите теми на самитот, како што се пандемијата и односите на ЕУ со Русија и со Турција.
Дел од земјите-членки на ЕУ пред сѐ од Источна Европа, но и Холандија, ја отфрлија можноста за директен разговор со рускиот претседател Владимир Путин, што беше поддржана од германската канцеларка Ангела Меркел и од францускиот претседател Емануел Макрон.
ЕУ, сепак, постигна согласност за продолжување на дијалогот со Путин во сферите кои се од заеднички интерес, но и за практиката за казнување со санкции на повредите на човековите права, угнетувањето на руската опозиција и мешањето во конфликтите во Украина и Белорусија.
Во заклучоците од самитот за Турција се наведува дека ЕУ сака да ги подобри односите со неа, со што турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган треба и понатаму да работи на деескалација на конфликтите со Кипар и Грција во источното Средоземје. ЕУ изрази и подготвеност да работи со Турција на продолжување на „договорот за бегалците“.