Претставници на кинеската влада предупредуваат дека светот не треба да отвора „пандорина кутија“ во Блискиот Исток, осудувајќи го притисокот што САД го вршат на Иран, а повикаа и да не се откажуваат од нуклеарниот договор, пренесува „Ројтерс“.
Опасноста од ескалирање на тензиите помеѓу Иран и САД се зголеми минатиот четврток откако два танкера со нафта беа нападнати во Оманскиот Залив. Соединетите американски држави за нападите го обвинија Иран, повеќе од една година по повлекувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор во 2015 година.
Иран негираше поврзаност со нападите, наведувајќи дека наскоро ќе ги достигне ограничувањата за количеството збогатен ураниум што може да го складира, според договорот.
По средбата со сирискиот министер за надворешни работи, кинескиот државен советник Ванг Ји изјави дека САД не треба да користат големи притисоци во расчистувањето на односите со Иран.
Тој додаде дека Кина е сериозно загрижена за ситуацијата во Блискиот Исток и повика на намалување на тензиите.
– Ги повикуваме сите страни да бидат рационални и воздржани со цел да не се отвори „пандорината кутија“ на Блискиот Исток, особено САД. Секое еднострано однесување нема место во меѓународното право. Таквото однесување нема да помогне, туку само ќе придонесе за создавање на поголема криза – изјави Ванг.
Во исто време, Кина се надева дека другите земји ќе ги почитуваат легитимните законски права и интереси на Иран. Кина и Иран имаат блиски врски, во соработката на полето на енергетиката, а односите со САД беа влошени откако тие наметнаа санкции кон земјите кои увезуваат иранска нафта. Кина исто така оди по тенка линија, бидејќи истовремено ги зајакнува односите со Саудиска Арабија, која е регионален ривал на Иран и врвен снабдувач на нафта во Азија.