Над 10.000 деца биле убиени или осакатени во вооружени конфликти ширум светот минатата година, други биле принудени да станат борци или се уапсени при напади врз училишта и болници, покажуваат податоците на ОН.
Во 2017 година биле регистрирани над 21.000 нарушувања на правата на децата, што е голем скок во споредба со претходната година, се наведува во годишниот извештај „Деца и вооружени конфликти”.
За речиси половина од над 1.300 случаи на загинати или повредени деца, ОН ги обвинуваат борците на арапската коалиција поддржана од САД во Јемен.
Децата се жртви на воздушни или копнени напади од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати против бунтовниците Хути, кои се против меѓународно признатата влада.
Меѓу жртвите, според извештајот, има 11-годишни деца војници, кои учествувале во граѓанската војна во Јемен и во други држави, потенцира ОН.
– Важно е дека тие деца не треба да бидат третирани како помалку вредни. Тие ги заслужуваат истите права што ги има секое друго дете – да живеат убав живот и да добијат можност за ресоцијализација – изјави Вирџинија Гамба, специјален претставник на Обединетите нации за темата деца и вооружени конфликти.
Гамба истакна дека податоците во извештајот длабоко го разочарале генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Опишаните 21.000 нарушувања на детските права вклучуваат и 10.000 случаи на убиени или осакатени деца, главно во Ирак, Мјанмар, Централноафриканската република, Демократската република Конго, Јужен Судан, Сирија и Јемен.
Тие случаи се драматично зголемени во однос на 2016 година, кога биле убиени 15.500.
Утврдено е дека речиси половина од 881 потврдени деца жртви, кои загинале во Нигерија, ги загубија своите животи во самоубиствени напади, вклучувајќи и користење на други деца за бомбаши-самоубијци. Повеќе од 1.900 деца биле уапсени поради нивните лични врски или на нивните родители со бунтовничката организација Боко Харам.
Најмалку 1.036 деца се затворени во Ирак под обвинение за закана за националната безбедност, главно поради наводните врски со терористичката организација Исламска држава.
Како војници во Јужен Судан биле користени 1.221 деца. Се наведува дека во Сомалија екстремистичката група Аш Шабаб киднапирала над 1.600 деца за да станат војници или да се користат како сексуални робови.
Децата во Мјанмар, Јужен Судан, Сирија и Јемен немале пристап до медицинска грижа.
Владините сили во различни земји се одговорни за околу 9.000 прекршувања на детските права во 2017 година, забележува ОН.