Експертите на Обединетите нации ја критикуваа Шпанија поради економската политика што ги игнорира сиромашните, а ги фаворизира богатите во земјата.
Специјалниот известувач на ОН задолжен за екстремна сиромаштија и човекови права Филип Алстон оцени дека нивото на сиромаштија во Шпанија е резултат на политички избор. Алстон наведува дека Шпанија економски напредувала и дека БДП и платите се зголемиле, но оти социјалните услови покажуваат нешто сосема друго.
– Шпанија по сите социјални параметри е на самото дно, или блиску до дното – предупреди специјалниот известувач на ОН.
Индексот на ризик од сиромаштија во Шпанија и понатаму е над европскиот просек од 22 отсто и се движеше од 29 проценти во 2013 година до 26 отсто во 2017 година. И покрај тоа што стапката на економски пораст во Шпанија е нешто поголема од европскиот просек, стапката на невработеност е 14 отсто, што е двапати повеќе во односот на просекот во Европската Унија.