Жалбениот суд го одобри барањето за одложување на објавувањето на материјал поврзан со исказите на Гизлејн Максвел, наводната соучесничка на Џефри Епстајн во секс-трговијата, пишува „Њузвик“.
Двајца судуи донесоа одлука дека исказите привремено ќе бидат задржани, додека се одлучува за жалбата на Максвел во однос на првичната одлука за отворање на документите. Сослушувањето за жалбата е закажано за 22 септември, по што судот ќе одлучи дали да ги објави исказите или трајно да го блокира нивното обвинување.
Ваквата одлука ја поништи пресудата на судијката Лорета Преска која го одби барањето на Максвел за блокирање на објавувањето на документите. Преска ги отфрли аргументите на адвокатите на Максвел, дека материјалот би можел да влијае врз поротата во случајот.
Пасуси од изјавите на Максвел од 2016 година беа цитирани од обвинителите во нивното обвинение. Тие тврдат дека Максвел, која имала лична врска со Епстајн додека со години работела како негова лична асистентка, починила кривоклетство, лажно сведочејќи под заклетва кога негирала дека била вклучена во заговор за секс-трговија или за вмешаностa во сексуално злоставување.
Максвел неуспешно се обиде да ја блокира објавата на десетици други документи во случајот. Овие документи беа отворени во четвртокот, откривајќи детали и имиња на истакнати јавни личности кои наводно биле поврзани со Епстајн и со неа.
Обвинителите тврдат дека Максвел му помогнала на Епстајн да „регрутира, подготвува и да злоставува жртви“ за кои знаеле дека се под 18-годишна возраст. Тие исто така тврдат дека Максвел „била присутна и учествувала во сексуалното злоставување“ во одредени случаи.
Вирџинија Робертс Џуфри која јавно го обвини осудениот сексуален престапник Епстајн за секс-трговија кажа и дека поранешниот американски претседател Бил Клинтон го посетувал неговиот приватен остров. Клинтон, пак, тврди дека никогаш не бил таму.
Портпаролот на Клинтон, Анхел Урења, во изјава за „Њузвик“ истакна дека поранешниот претседател „никогаш не бил на островот Сент Џејмс“.
– Тој не разговорал со Епстајн повеќе од една деценија. Уште одамна пред страшните злосторства да излезат на виделина – кажал Урења.
Портпаролот ја посочи изјавата на Клинтон објавена во јули минатата година, во која исто така биле негирани тврдењата.
Неодамнешното отворање на судските документи повторно го насочи вниманието кон поврзаноста на Клинтон со Епстајн. Робертс Џуфри истакнала дека таа била на островот заедно со Епстајн и со Клинтон, во разговор со нејзиниот адвокат. Таа му кажала на адвокатот и дека Клинтон престојувал во домот на Епстајн заедно со другите девојки, како и оти се сеќава дека Епстајн и кажал оти Клинтон „му е должник“.
Клинтон бил на четири патувања со авионот на Епстајн – во Европа, Азија и во Африка, но тврди дека „не знаел ништо во врска со страшните злосторства“. Клинтон не е обвинет за никакви незаконски дејствија.