Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, денеска се појави пред судот во Лондон на сослушување за тоа дали ќе биде екстрадиран во САД поради обвиненијата за шпионажа, а судот го одби неговото барање за одложување на судењето.
Судскиот процес за екстрадицијата на Асанж ќе продолжи во февруари следната година, како што беше планирано, откако судијката Ванеса Бараитсер го одби барањето на неговиот адвокат за одложување за три месеци, за да имаат повеќе време да се спремат за судењето.
Асанж крена стисната тупаница кога се појави во судницата.
Во САД тој е обвинет по 18 точки, вклучувајќи заговор, хакирање на владата и шпонажа. Во 2012 година тој се засолни во амбасадата на Еквадор во Лондон откако државата му даде азил. Тој тогаш избегна екстрадиција во Шведска каде е обвинет за сексуално злоставување. Во амбасадата во Еквадор помина седум години, сè додека не беше уапсен. Асанж сега се наоѓа во притвор во Лондон.