Германската полиција денеска спроведе големи рации во 25 градови во врска со сомнителна мрежа за перење пари, за која се тврди дека „испрала“ милиони незаконски стекнати профити во странство.
Полицијата во Диселдорф соопшти дека повеќе од 1.000 полицајци учествувале во рациите, кои започнале во раните утрински часови, а биле извршени во сојузните покраини Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Бремен, пренесува агенцијата АП.
Уапсени биле 11 лица, меѓу кои и 39-годишен Сириец обвинет за членство во сириската екстремистичка група Нусра фронт, соопшти полицијата.
Рациите се дел од истрагата за таканаречената мрежа „хавала“ која е широко користена во муслиманските земји, а во која поединци, а не банки, дејствуваат како посредници при трансфер на пари.
Сепак, трансакции во Германија се дозволени само преку контролирани банкарски мрежи, што во ваквата мрежа не е случај. Трансферите, кои, како што објави јавниот сервис WDR, главно потекнуваат од криминални активности како што е шверц со дрога, исто така се вршат со непарични средства, така што во Германија се купуваат големи количини злато кои се шверцуваат во Турција и Сирија и се продаваат таму.
Трансферот се врши и преку купување товарни возила во западна Европа, кои потоа се продаваат со профит во Турција и Блискиот Исток. Како резултат на тоа, денешните рации се фокусирала и на неколку бродски компании на северот и западот на Германија.
Властите ја откриле мрежата случајно минатата година за време на сообраќајната контрола, при што пронашле непријавени 300.000 евра во багажникот на Сириец и Германец кој преминал во ислам.
Полицијата од Диселдорф соопшти дека парите, кои се „перат“ од 2016 година, доаѓаат од широк спектар на извори, вклучувајќи и вооружени грабежи и изнуда.
– Според првичните проценки, обемот на трансакции во истражуваниот период изнесува околу 140 милиони евра – се вели во соопштението на полицијата.