Во четвртокот вечер, 38-годишниот нуркачки ветеран Саман Гунан се впушти во
мисија за доставување три боци со воздух. Гунан ја заврши мисијата, но загуби свест
при враќањето назад кон излезот на површината. Неговиот нуркачки партнер му
пружи прва помош, но не успеа да го реанимира
Светот со големо олеснување и радост го слави успешното спасување на 12 момчиња и нивниот тренер, кои повеќе од две недели поминаа заробени во поплавена пештера во Тајланд. Но спасувачката операција однесе и една жртва – поранешен припадник на тајландските морнарички „фоки“, кој загина по влегувањето во пештерата, каде што однесе боци со воздух по должината на маршрутата за излегување. Станува збор за Саман Гунан, кој ќе остане запаметен од семејството, а и низ светот, како вистински херој, кој го даде животот за да спаси туѓи животи.
Во четвртокот вечер, 38-годишниот нуркачки ветеран се впушти во мисија за доставување три боци со воздух. Гунан ја заврши мисијата, но загуби свест при враќањето назад кон излезот на површината. Неговиот нуркачки партнер му пружи прва помош, но не успеа да го реанимира. Гунан беше еден од 80 тајландски „фоки“, кои сочинуваа најголем дел од нуркачите вклучени во спасувачките напори.
Валепорн Гунан, сопругата на Гунан, зборува за големата загуба и за тоа каква почит уживал пензионираниот нуркач.- Исто како да сум умрела, но сѐ уште сум жива. Но ја користам гордоста за да ја потиснам тагата – вели Велепорн.
Таа истакнува дека нејзиниот сопруг бил почитуван и величан како херој поради тоа што бил.
– Тој сакаше да им помага на другите, да прави хуманитарна работа и да ги завршува работите. Саман еднаш кажа дека никогаш не знаеме кога ќе умреме. Не можеме да го контролираме тоа, затоа мора да го славиме секој ден – додава Велепорн Гунан.
Во интервјуто за Би-би-си, таа ги испрати последните зборови до својот сакан и голем херој.
– Сакам да ти кажам, душо, ти си херој во моето срце. Секогаш беше и секогаш ќе бидеш – порача Велепорн.
Истовремено, и Вичаи Гунан, таткото на Саман, не може да ја скрие својата тага за загубата, но и гордоста за достигнувањата на својот син.
– Многу сум горд на мојот син. Но исто така сум и многу тажен, бидејќи го загубив мојот сакан син. Почивај во мир. Одмори се добро – порача Вичаи Гунан.
Животот на Саман Гунан треба и мора да служи како потсетник за вродената несебичност кај луѓето, како и за храброста на која сите сме спремни ако имаме доволно љубов во нашите срца. Никој не знае како би реагирал во криза сѐ додека не искуси една таква ситуација. Приказните за храброста на спасувачите, нуркачите, и момчињата, кои им испратија писма на своите семејства во кои ги тешат за да не се грижат, ги допреа срцата на многумина низ светот.