Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, во изјава за „Гардијан“ кажа дека Белата куќа одржувала разговори за продолжување на американските нуклеарни тестирања, но оти не била донесена конкретна одлука. Тој тврди дека „со сигурност, темата била дискутирана“.
Болтон посочи дека имало отпор за тестирање од одредени официјални лица во администрацијата на Трамп, велејќи „мислам дека различните луѓе имаат различни гледишта“. Опозиција на ваквата идеја претставувале оние што сметаат оти сегашните компјутерски тестирања на американските боеви глави се доволни, па не била донесена одлука пред Болтон да ја напушти Белата куќа, минатиот септември.
Официјалните луѓе во Белата куќа одржале низа разговори во изминатите две години во врска со можноста за продолжување на американските нуклеарни тестирања, според Болтон, кој е поддржувач на тестирањето.
Кога била спомната можноста за прво американско подземно нуклеарно тестирање во речиси три децении, на состанок во Белата куќа одржан во мај, тоа предизвикало негодување од оние што се залагаат за контрола на вооружувањето, а довело и до амандман што го блокира финасирањето на подготовките за тестирање.
Болтон кој објави мемоари во кои пишува за времето поминато во Белата куќа, кажа дека прашањето било дискутирано во општ поглед во повеќе наврати додека тој бил советник за национална безбедност, од април 2018 година до септември минатата година. Но, дискусиите не станале „оперативни“ со што неговиот приоритет бил да ги повлече САД од Договорот за нуклеарни ракети со среден дострел (ИНФ).
– Имавме општи дискусии за таа тема во повеќе наврати, но немаше одлука. Јас лично имав други цели, како што беше повлекувањто од договорот ИНФ. Знаете, не можете да сторите се одеднаш – кажа Болтон.
Тој смета дека подземното тестирање е неопходно за да се добие сигурност за способностите на илјадниците боеви глави во американскиот арсенал.
– Не го знаеме во целост влијанието од стареењето врз сигурноста или врз безбедноста на нуклеарните направи. Затоа ова ни е потребно за кредибилитет. Не зборувам за масовно тестирање. Сигурно не зборувам за атмосферско тестирање, но како што ми кажа еден воен функционер, да имаш 5.000 нуклеарни боеви глави е како да имаш 5.000 „тојоти“ во гаража. Сакаш да знаеш дека кога ќе го покренеш клучот, тие ќе проработат од прва. Бидејќи ако не е така, тие нема да функционираат воопшто – кажа Болтон.
Информациите за состанокот од мај ја алармираа опозицијата на тестирањето во американската сојузна држава Невада. Од последното американско тестирање во 1992 година, Лас Вегас значително се прошири, со што се доближи до полигонот за тестирање во Невада. Болтон, пак, тврди дека локалниот отпор не би бил непремостива пречка за продолжување на тестирањето.