Советот на ЕУ ја усвои директивата со која се вметнуваат нови ограничувања за одредени пластични производи за еднократна употреба, па во согласност со новите правила на ЕУ до 2021 година ќе бидат забранети пластични чинии, прибор за јадење, сламки, стапчиња за балони и стапчиња за уши за еднократна употреба.
Новите правила засновани врз постојното законодавство на ЕУ за отпад, одат чекор понатаму, бидејќи се построги за производи и пакувања кои се меѓу десетте најчести загадувачи на европските плажи.
Новите правила забрануваат употреба на одредени пластични производи за еднократна употреба за кои постојат алтернативи. Во исто време, беа воведени посебни мерки за намалување на употребата на пластични производи кои најчесто се отфрлаат како отпад. Една од главните цели на оваа директива е да се намали количината на пластичен отпад произведен во Европа.
Земјите-членки се согласија дека до 2029 година ќе ја постигнат целта според која ќе бидат собрани до 90 отсто пластични шишиња, и дека до 2025 година пластичните шишиња треба да бидат сочинети од најмалку 25 проценти рециклиран материјал.