Битката за контрола врз Махра, најисточната и најмирната провинција во Јемен, ги разгоре опасните тензии во Персискиот Залив, пренесува „Индипендент“.
Салем му припаѓа на едно од стотиците јеменски племиња, кој во изминатата година се бореше против силите на Саудиска Арабија и нејзините сојузници во Махра, провинцијата која има своја автономија, култура и посебен јазик, но сега се најде на фронтот на една нова и малку позната платеничка војна. Мажите и жените постојано протестираат против она што тие го нарекуваат „окупација“ на нивната земја од страна на Ријад кој ја предводи воената коалиција против ирански поддржаните бунтовници Хути.
Најисточната јеменска провинција Махра, која од останатата територија е одделена со карпести клисури, беше поштедена од ужасите на петгодишната војна која ја предизвикаа Хутите кои сакаа да ја соборат демократски избраната јеменска влада. До неодамна ретко можеа да се забележат екстремистички групи како Ал каеда и како ИСИС.
До 1967 година, Махра беше 450 години султанат чиј архипелаг Сокотра е заштитен од УНЕСКО и генерално имаше своја независност. До 1960-тите години беше британски протекторат, а потоа присилно стана дел од Јужен Јемен пред да биде обединет со северот во 1990 година. Племињата во Махра, кои зборуваат на посебен јазик, го зачуваа чувството на независност, а освен прифаќањето на раселените семејства, се држеа настрана од Јеменската војна која изби во 2015 година.
Но од крајот на 2017 година, честопати заборавениот регион беше зафатен од најновата платеничка јеменска војна меѓу државите од Персискиот Залив. Саудијците испратија 1.500 војници во областа, како што велат јеменските извори, и почнаа да ги обучуваат локалните сили за да го спречат постојаниот шверц на оружје преку необезбедената граница со Оман.
Неколку дена по пристигнувањето на саудиските сили, гувернерот на Махра, Мохамед бин Куда, кој се обиде да возврати на ударот, беше заменет со саудиски избраниот кандидат Раџе Бакрит кој многу малку ја познава Махра и воедно таму слета лани во јануари со саудиски авион.
И покрај првичните ветувања, Ријад ја презеде контролата, го затвори цивилниот аеродром и го претвори во воена база. Саудијците отворија пет главни бази од кои неколку уште се во изградба, а според локалните жители, дури 20 помали контролни пунктови предизвикуваат загриженост и бес кај жителите на Махра, кои ги обвинуваат Саудијците за окупација.
Саудиските власти постојано се бранат, велејќи дека тешка артилерија се пренесува преку поморската рута или преку необезбедената граница со Оман од страна на Хутите кои стрелаа ракети врз Саудиска Арабија со дострел дури до Ријад.
Саудиското присуство не само што ги разбесни локалните жители, туку и предизвика големи разидувања со соседен Оман, како што сметаат експертите и странските дипломати. Експертите и локалните жители предупредуваат дека Оман, кој некогаш важеше за Швајцарија на Блискиот Исток поради својата неутралност во конфликтите, неодамна почна да дава поддршка за неговите теренски сојузници. Британските дипломати во интервјуа за „Индипендент“ ја изразуваа својата загриженост за неговата вмешаност во платеничката војна.
Настанатите тензии добија мало меѓународно внимание, но можат да имаат огромни и катастрофални последици по регионот ако двете страни продолжат да се борат за контрола врз оваа област. Фареа ал Муслими, шефот на јеменскиот центар за стратегиски студии „Сана“, вели дека „Махра била последната стабилна област во Јемен, но сега поради регионалната војна за превласт, таа се нашла во првите борбени линии“.
Според него и неколку племенски извори, Оман сега активно испраќа пари до силите во Махра за да спречи целосно преземање на контролата. Државата исто така беше обвинета за поттикнување на тамошните протести против Саудиска Арабија.
Официјални претставници од Оман не беа достапни за коментари. Сепак, многумина таму веруваат дека оманското лидерство треба да заземе поцврст став против саудиската доминација во Махра. Оманскиот стратег Абдула ал Гаилани изјави за „Индипендент“ дека Махра „секогаш била од интерес на Оман. Тој таму развил голем дел од инфраструктурата и има силни политички врски. Махра била мирна тампон-зона додека Саудиска Арабија и ОАЕ не распоредиле свои сили“.
Поради ова, Саудијците им се спротивставија на својот регионален сојузник ОАЕ кои наводно се обидоа, но не успеаја меѓу 2015 и 2017 година да формираат и обучат елитни сили во Махра наводно за да се борат против екстремистичките групи како Ал каеда, како што направија во други административни области. Покрај тоа, ОАЕ отворија повеќе бази долж јужниот брег на државата.
Мали се шансите дека по пет години ќе се стави крај на кризата која доведе на раб на глад речиси 13 милиони луѓе. Од пепелта на војната сега се формираат нови војни вклучувајќи ја онаа за независност на југот делумно поттикната од зајакнатите јужни сепаратистички сили од Персискиот Залив.
Протестите на жените во државата се насочени кон спречување на скорашниот наплив на салафисти кои бегаат од војната во другите области, а прв пат беа забележани откако Саудијците го претворија аеродромот во воена база. Надра, која е мајка на четири деца, изјави дека во протестите на мажите, како и оние на женското движење, била употребена сила, па така најмалку три лица биле уапсени и се сметаат за исчезнати.
Неодамна саудиската коалиција во Махра почна да користи хеликоптери „Апачи“ за да ги заплаши демонстрантите, а само една недела откако екипа на „Индипендент“ пристигна во Јемен, тие испукаа предупредувачки истрели во близина на градот Гајда.
Саудијците и нивните теренски сојузници негираат дека употребиле насилство. Тие ги осудуваат протестите и велат дека се оркестрирани од незадоволните и корумпирани племенски водачи кои го изгубиле авторитетот во борбата против шверцот.
Незадоволните поранешни регионални претставници, кои исто како гувернерот беа тргнати од власта, а на нивно место беа поставени кандидати на Саудиска Арабија, тврдат дека приграбувањето на моќта е дел од напорите на Саудијците да изградат нафтовод од нивната територија до Арапското Море, идеја која е стара неколку децении.
Ахмед Мохамед Катан, поранешниот началник на полицијата во Махра, вели дека „по избивањето на кризата во Ормутскиот Теснец, Саудијците почнале да го зголемуваат својот арсенал и да ја зајакнуваат контролата по границата. Тие исто така започнале и со регрутирање на локалните сили“.
Каква и да е вистината, сепак резултатот е ист, а тоа е уште еден конфликт во и онака разорната војна во Јемен.