Трамп во понеделникот разговарал со највисоките соработници за евентуално олеснување на санкциите против Иран, за да може да се организира средба со иранскиот претседател Рохани на претстојното Генерално собрание на Обединетите нации. Во текот на разговорите, советникот за национална безбедност Џон Болтон жестоко се противел на идејата за таква средба. Па, така, неговото отпуштање следува по длабоките разлики со Трамп околу желбата на претседателот да оствари брзи дипломатски успеси, преку средби со Рохани, талибанците и другите непријатели на САД, пишува „Гардијан“
Шефот на Белата куќа Доналд Трамп го отпуштил советникот за национална безбедност Џон Болтон по жестоката расправија околу можноста за средба со иранскиот претседател Хасан Рохани. Трамп во понеделникот разговарал со највисоките соработници за евентуално олеснување на санкциите против Иран, за да може да се организира средба со Рохани на претстојното Генерално собрание на Обединетите нации. Во текот на разговорите со американскиот претседател, Болтон жестоко се противел на идејата за таква средба. Па, така, неговото отпуштање следува по длабоките разлики со Трамп околу желбата на претседателот да оствари брзи дипломатски успеси, преку средби со Рохани, талибанците и другите непријатели на САД, пишува „Гардијан“.
Во текот на состанокот во Белата куќа, министерот за финансии Стивен Мнучин ја поддржал идејата за укинување на санкциите како алатка за рестартирање на преговорите со Иран. По отпуштањето на советникот за национална безбедност, Трамп отворено ги критикуваше позициите на Болтон за повеќе надворешнополитички прашања, вклучувајќи ја и неговата поддршка за инвазијата на Ирак во 2003 година.
– Тој направи некои многу големи грешки. Џон е познат како суров човек. Тој е премногу суров, тој нѐ вмеша во Ирак. Болтон премногу застрани од политиката кон Венецуела, а, исто така, не се согласуваше со луѓето во администрацијата – порача американскиот претседател.
Заминувањето на Болтон од Белата куќа, според „Гардијан“, се смета за расчистување на патот за помирлива надворешна политика кон непријателите на САД во пресрет на претседателските избори наредната година, додека Трамп се обидува да ја почне неговата кампања со пораката дека постигнува договори, а не заговара војни. Остварувањето на средба со Рохани во ОН, најверојатно, ќе биде тешко без значително олеснување на санкциите што, пак, ќе претставува голем пресврт во политиката за „максимален притисок“, која ја спроведува администрацијата на Трамп. Истовремено, опциите на иранскиот претседател се ограничени од домашната политика и ставовите на врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи, кој досега беше непопустлив кон идејата за враќање на преговарачката маса.
Во однос на намерата на Трамп за постигнување брза надворешнополитичка победа, експертите сметаат дека полесен почеток би било обновувањето на нуклеарните преговори со Северна Кореја. Па, така, Пјонгјанг неодамна порача дека е подготвен за рестартирање на преговорите кон крајот на месецот, по што следуваа две ракетни проби и предупредување до САД дека треба да ги сменат преговарачките позиции. Во обраќањето пред новинарите, Трамп завчера призна дека присуството на Болтон било пречка за преговорите со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, поради неговата идеја за примена на „либискиот модел“ во разоружувањето на Пјонгјанг.
– Погледнете што се случи со Гадафи и со Болтон го користи тоа за да постигне договор со Северна Кореја? Не го обвинувам Ким Јонг-ун за тоа што го кажа потоа. Тој не сакаше да има ништо со Џон Болтон. Во прашање не е тоа колку си суров, туку колку си мудар – додаде шефот на Белата куќа.
Суза ди Маџио, од институтот „Карнеги“ за меѓународен мир, оценува дека отстранувањето на Болтон отвора можност за администрацијата на Трамп да направи процена на неуспешниот пристап со максимален притисок кон Иран и Северна Кореја.
– Многу ќе зависи од тоа дали Трамп има капацитет да му даде моќ на искусен дипломат да ја продолжи вистинската дипломатија на двата фронта – истакнува Ди Маџио.
„Гардијан“ наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон се обидува да организира средба помеѓу Трамп и Рохани во ОН и дека американскиот претседател испрати позитивни сигнали за таквата идеја на минатомесечниот самит на Г7 во Бијариц. Сепак, одлуката на Рохани за средба со Трамп многу ќе зависи од тоа до кој степен САД ќе ги олеснат нафтеното и банкарското ембарго кон Иран, но и од домашната иранска политика. Рохани нема да се сретне со американскиот претседател без дозвола од врховниот лидер на Иран. Пред шест години, Хаменеи беше гневен поради телефонскиот разговор на Рохани со претседателот Барак Обама во текот на Генералното собрание на ОН.