Пекинг гради десетици ракетни силоси во кои ќе има простор за поновата генерација на „донг фенг-41“, ракетата на цврсто гориво, како и за интерконтиненталните балистички ракети
Изградбата на подземни ракетни силоси најверојатно ќе ги зголеми напорите од страна на администрацијата на Џо Бајден да ја вклучи Кина во преговорите за стратегиска контрола на оружјето покрај САД и Русија. Кина тврди дека нејзиниот нуклеарен арсенал е многу помал од оној на двете светски нуклеарни сили. Според Истражувачкиот институт за мир во Стокхолм, Кина просечно располага со 350 нуклеарни боеви глави во однос на САД со 5.550 и Русија со 6.255 боеви глави.
Наспроти ова, американски извори ги бомбардираат медиумите со свои претпоставки кои потекнуваат од извештајот што го објави Американското министерство за одбрана лани во септември. Според овој извештај Кина располага со околу 100 интерконтинентални балистички ракети со досег до САД, но тој број двојно ќе се зголеми за пет години. Неодамнешните сателитски снимки покажуваат 119 нови силоси за вакви ракети на крајот од пустината Гоби во провинцијата Гансу. Други сателитски снимки покажуваат дека во изградба се најмалку 16 силоси во Џилантаи, полигон во Внатрешна Монголија. Истражувачите во калифорнискиот центар за студии за неширење на оружјето „Џејмс Мартин“ велат дека Кина почнала да гради во пустината Гоби веднаш откако првпат биле претставени ракетите „ДФ-41“. Иако „ДФ-41“ користат високоподвижни лансери, Пекинг дел од нив може да распореди и во подземни силоси. Се претпоставува дека овие ракети имаат досег до 15.000 км и капацитет за раздвојување на боевите глави со индивидуални единици за водење.