Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, вчера го имаше својот прв надворешнополитички тест на самитот во Париз за решавање на кризата во Украина, каде што првпат требаше да се сретне со својот руски колега Владимир Путин. Бившиот комичар Зеленски водеше предизборна кампања и победи на изборите со ветување дека ќе преговара за завршување на војната во Украина, наспроти забелешките да не прави никакви отстапки кон Русија.
Зеленски и Путин требаше да се сретнат во Елисејската палата заедно со другите европски лидери, што би било прва нивна директна средба откако бившиот украински комичар го почна својот претседателски мандат во мај. Состанокот, со посредство на лидерите на Франција и Германија, има за цел да ги оживее напорите за решавање на петгодишниот конфликт меѓу Киев и сепаратистите поддржани од Русија, кои контролираат области од југоисточна Украина од 2014 година. Конфликтот зад себе остави над 13.000 жртви и милиони раселени. Лидерите на двете држави не се сретнале уште од 2016 година.
Централна улога во разговорите во Париз имаат одредбите од спогодбата од Минск, мировниот план од 13 точки договорен во 2015 година. Планот предвидува враќање на границата со Русија под украинска контрола, одржување избори во регионите под контрола на сепаратистите, како и разоружување и повлекување на руските сили од југоисточна Украина. Иако двете страни изразуваат поддршка за договорот од Минск, сѐ уште има дилеми дали рамката е политички одржлива. Аналитичарите и политичарите ги намалија очекувањата дека разговорите во Париз би можеле да донесат поголем успех во решавање на конфликтот, посочувајќи дека најмногу што може да се очекува е деескалација на тензиите. Според нив, Русија смета дека има доволно време и дека може да издржи меѓународен притисок без да направи отстапки.
– Се чини дека она што Путин може да го извлече од Париз е заклучок на Европејците дека тој е подготвен да се справи со Зеленски за практични прашања, вклучувајќи и нов договор за транзит на природен гас – смета Дмитриј Тренин, директор на московскиот центар Карнеги.
Според „Гардијан“, во Европа во моментот постои загриженост за позицијата на украинските сојузници, имајќи ја предвид привлечноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон Путин и коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон дека Русија не е непријател на НАТО.