Членовите на тајната Единица 29155 со години извршуваа операции без сознание на западните безбедносни структури за нивните активности, но нападот врз трговец со оружје во Софија помогна во разоткривање на нивната маска, тврди американскиот весник „Њујорк тајмс“.
Рускиот убиец го користеше алијасот Сергеј Федотов за неприметно да влезе во Бугарија, отседнувајќи во хотел во Софија во близина на канцелариите на локален трговец со оружје, кој продавал муниција на Украина. Тој предводеше тим од тројца. Еден од нив се прикраде во заклучена паркинг-гаража и намачка отров врз кваката од вратата на автомобилот на трговецот со оружје. Тој потоа замина безмалку незабележано, со исклучок на матните сники од надзорните камери.
Недолго потоа, трговецот со оружје Емилијан Гебрев (65) се сретнал со неговите бизнис-партнери во ресторан, каде што му се слошило. По труењето Гебрев поминал еден месец во болница. Неговиот син исто така бил затруен, како и еден од раководните луѓе на компанијата. По излегувањето од болница, атентаторите уште еднаш ги затруле Гебрев и неговиот син, во нивниот имот на Црното Море. Сите преживеале, но бизнисот на Гебрев уште не се опоравил.
Обидите за атентат во 2015 се посебни, не само поради нивната дрскост и упорност, туку и бидејќи поминаа незабележано од западните разузнавачи. Бугарското обвинителство го разгледа случајот, но не успеа да најде докази и го затвори.
Сега западните безбедносни служби тврдат дека обидите за труење во Бугарија помогнале во разоткривање на мрежа на разузнавачки оперативци чија цел била да ги елиминираат руските непријатели во странство и да го дестабилизираат Западот.
– Бугарија беше нашиот „аха“ момент. Го разгледавме случајот и си помисливме дека се се совпаѓа – вели еден припадник на европските безбедносни структури.
Во октомври „Њујорк тајмс“ откри дека специјализирана група на руски разузнавачки оперативци позната како Единица 29155, со години била испраќана да извршува убиства и кампањи за политичко дестабилизирање на Европа. Водечките луѓе на безбедносните служби тврдат дека единицата е одговорна за обидот за атентат на Сергеј Скрипал, поранешниот руски шпион во Велика Британија, за неуспешниот обид за предизвикување на воен удар во Црна Гора во 2016 година, како и за кампањата за дестабилизација на Молдавија.
Западните разузнавачки служби сметаат дека го знаат името на командирот на единицата и локацијата на нејзиниот штаб во Москва. Врз основа на разговорите со претставници на безбедносните служби во Европа и во САД заклучено е оти обидите за атентат врз Гебрев послужиле за разоткривање на Единица 29155. По објавување на написот на „Њујорк тајмс“ во октомври, откриени се повеќе информации, меѓу кои и идентитетите на дел од членовите на единицата и нивните наводни активности во Шпанија и во Франција. Уште трае истрагата за утврдување на мотивите на единицата при изборот на целите.
– Бев фрлен на волците. Уште се прашувам зошто и како – вели Гебрев во разговор за американскиот весник.
Тој ги опишува ефектите од отровот.
– Се чувствував како некој да ми фрлил кофа песок врз окото. Го посетив задгробниот живот трипати, според моите проценки. Докторите ми кажаа дека за малку ќе ме загубеле – објаснува Гебрев.
Кога болницата не успеала да открие каков отров бил користен, Гебрев се обратил до финската лабораторија „Верифин“ која открила две хемикалии во неговата урина, вклучувајќи го диетил фосфонатот, кој се користи во пестицидите. Другата хемикалија не можела да биде идентификувана.
По добивањето на докази од британските служби, бугарското обвинителство повторно го отворило случајот на Гебрев во октомври минатата година. Гебрев успеа да се опорави од труењето, но неговиот бизнис уште страда. Во август 2017 година, бугарското министерство за економија привремено ја повлече неговата дозвола за извоз. Гебрев нема телохранители и претпочита да вози сам, но уште е на штрек. Есеноска, надзорна камера во неговиот дом забележа инфрацрвени снимки на фигура со маска која се моткала наоколу.
– Би бил најсреќниот човек на планетата доколку труењето не се случеше, а ми било мачно бидејќи сум изел расипана рукола. Не се гледам како доволно важен за некој да се обидува да ме убие – заклучува Гебрев.