Франција со потсетување до Велика Британија
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен повика на поголема координација на Европската Унија за мигрантските прашања и го потсети Лондон да го исполни ветувањето во врска со финансирањето на борбата против илегалната миграција.
– Британската влада досега не платила ниту едно евро. Ги повикуваме Британците да ги исполнат своите финансиски ветувања бидејќи ние ја чуваме нивната граница – рече францускиот министер, пренесуваат агенциите.
Дарманен истакна дека притисокот од мигрантите се вратил по ковид-пандемијата и дека Франција неодамна значително ги зголемила напорите да го спречи тоа.
Министерот рече дека француските поморски власти сега запираат 75% од бродовите со мигранти кои се обидуваат да го преминат Ламанш, но дека тие би можеле да постигнат 100% доколку Велика Британија ги обезбеди 63 -те милиони евра ветени на средбата со британскиот министер за внатрешни работи во јули.
На крајот на јули, Лондон се обврза и даде на Франција близу 63 милиони евра за периодот 2021-2022 година со цел да ја засили борбата против илегалната имиграција на брегот на Франција.
Дарманен, исто така, повика на поголема координација со другите земји на ЕУ за да се запре илегалната миграција, бидејќи, како што рече, половина од оние што се обидуваат да преминат од Франција во Британија пристигнуваат од Белгија и најави дека Париз ќе го разгледа прашањето од 1. јануари, кога ќе го преземе шестмесечно претседателство со ЕУ.