Југоисточна Азија е во сериозна борба за да го спречи понатамошното проширување на високозаразниот африкански свински грип, познат како „ебола на свињите“, болест која принуди убивање на милиони свињи во Кина и Виетнам, пренесува „Гардијан“.
Африканскиот свински грип, кој е безопасен за луѓето, но смртоносен за свињите, беше откриен во Кина во август минатата година и предизвика сериозни проблеми во овој дел на планетата. Поради сериозната болест, околку 1,2 милиони свињи беа принудно убиени во изминатиот период. Кина е дом на скоро половина од целата популација на свињи во светот, а овие вести предизвикаа голем пораст на цената на свинското на глобално ниво.
Засега, нема вакцинација за африканскиот свински грип, кој кај свињите предизвикува внатрешно крварење, а брзо потоа и смрт, па затоа единствената можност за да се запре брзото проширување на болеста е да се усмртат заразените животни. Некои проценки велат дека во Кина евентуално ќе треба да се елиминираат до 200 милиони животни. Вирусот може да преживее во надворешната средина и до неколку недели, на површини како облека и во возилата за пренесување на животните, што му овозможува лесно да се шири на локации со голема раздалеченост.
Опасниот вирус брзо се прошири на целата територија на Азија, константно предизвикувајќи сè поголеми проблеми за фармерите на свињи во Виетнам и Камбоџа, а во Тајланд, кој е втор најголем производител на свинско месо на континентот, го вклучи „црвениот аларм“. Нови случаи се појавени и во Монголија, Северна Кореја и Хонг Конг во изминатите недели, додека Јужна Кореја ја тестира крвта на свињите на границите, пред да влезат на нивната територија.