Додека милиони затвореници во САД јадат конзервирана храна, која честопати е небезбедна, Џејкоб Ченсли, познат како шаманот на „КуАнон“ по учеството во упадот во Сенатот, јаде само органска храна додека го чека неговото судење, пренесува Си-ен-ен. „КуАнон“ претставува теорија на заговор според која припадниците на т.н. „длабока држава“ работат против Доналд Трамп и чии убедувања се шират во изминатите три години.
По седумнеделен штрајк со глад, федерален судија нареди Ченсли да добива само органска храна. Ваквата одлука доаѓа по тврдењето на Ченси дека неорганската храна е спротивна на неговите религиски верувања, односно на шаманизмот.
Ваквите барања и одлуката покренаа бурни реакции од страна на поборниците за правата на затворениците, а исто така посочуваат на привилегија во системот каде што затворениците добиваат дури и небезбедни оброци.
– Фактот дека на овој човек му се дава ваков вид на предност покажува двоен стандард во системот на кривична правда – рече Ал Шарптон, познат активист за граѓански права.
Ченсли, кој при упадот во Сенатот на 6 јануари носеше крзно и рогови, најпрво беше приведен во федералната поправна установа „Феникс“ во Аризона, каде што му давале органска храна. Кога Ченсли бил преместен во Вашингтон каде што треба да се соочи со обвиненијата, затворот го одби неговото барање за органска храна, бидејќи дистрибутерите за храна во казнената установа не нуделе такви оброци. Потоа, неговите адвокати во судските документи тврдеа дека тој бара органска храна поради неговата вера во шаманизмот.
– Нема сомнение дека шаманизмот е религија и дека обвинетиот бара да биде третиран и да се храни врз основа на таа религија – напиша судијата Ројс Ламберт, кој одлучи да го одобри барањето на Ченсли, бидејќи тој бил хранет со органска храна за време на притворот во Аризона, а штрајкот со глад е уште еден доказ за неговите религиозни верувања.
Лесли Собл, соработник во „Импакт Џастис“, непрофитна организација која се залага за реформа на кривичната правда, рече дека давањето органска храна за притворени во воспитно-поправните установи во САД е „досега нечуено“, а Ченсли е пример за привилегија на база на расна основа.
Според нејзиниот извештај, милиони затвореници јадат несигурна храна со ниска нутрициона вредност, која најчесто е небезбедна за здравјето. Околу 75 отсто од испитаниците изјавиле дека им била служена расипана храна додека биле во затвор, а оние кои биле назначени да работат во затворските кујни рекле дека од нив се барало да служат пилешко или говедско месо од пакувања со ознака „ненаменето за исхрана на луѓе“.