Неколку вработени во „Фејсбук“ решија да се бунтуваат и во понеделникот не дојдоа на работа во знак на протест против извршниот директор Марк Закерберг, кој одлучи да одбие на делува по низата контроверзни објави од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Си-ен-ен.
Така, вработените решија да не се појават на работа. На раководителите на „Фејсбук“ им беше кажано од одделот за човечки ресурси на компанијата да не се одмаздуваат против персоналот кој планира да протестира или да ги искористи слободните денови, изјави извор за Си-ен-ен.
Многумина вработени на платформите на Фејсбук и Твитер не се согласуваат со одлуката за неделување на Закерберг во врска со објавите.
– Давањето платформа за поттикнување насилство и ширење дезинформации е неприфатливо, без оглед кој сте. Не се согласувам со позицијата на Закерберг и ќе работам за да направам промена – објави на Твитер Ендрју Кроу, шеф за дизајн на Фејсбук за портабилни уреди.
Портпарол на „Фејсбук“ за Си-ен-ен изјави дека ја препознаваат болката што многумина сега ја чувствуваат, особено во афроамериканската заедница. Тие ги охрабруваат вработените во „Фејсбук“ да зборуваат отворено кога не се согласуваат со лидерството на компанијата и да продолжат да ги даваат искрените мислења во овие тешки времиња.
Минатата недела, „Твитер“ за првпат стави етикета за проверка на две објави на Трамп, а стави и предупредувачка етикета на објавата во врска со протестите во која тој вели „кога ќе започнат грабежите, започнува пукањето“. Кога се појавија истите објави на „Фејсбук“, компанијата реши да не преземе ништо вов рска со нив.
– Цел ден се двоумам како да одговорам на објавите на претседателот. Лично, јас имам негативна реакција за овој вид разделувачки и подгорувачки реторики. Но, јас сум одговорен за реакцијата, не само за себе, туку и како лидер на институција посветена на слободно изразување – напиша Закерберг во неговата фејсбук-објава во петокот.
Со преземањето на акција против објавите на Трамп, Закерберг ризикува да ја разлути Белата куќа и конзервативците, кои веќе долго време се жалат на наводна пристрасност на платформата против нив, но и да не се стори ништо би можело да ги отуѓи некои од врвните таленти на неговата компанија. Тие, главн, го покажаа нивното незадоволство преку објави на двете платформи, а повикаа и другите кои не се согласуваат да не молчат, туку да делуваат.
Критиките од вработените само се засилија кога протестите за смртта на Џорџ Флојд се проширија во десетици градови низ САД. Покрај тоа што јавно зборуваа, некои вработени исто така презедоа симболичен чекор со промена на своите профилни фотографии во модифицирана верзија на „палецот“ на „Фејсбук“, дизајниран наместо тоа да биде тупаница на солидарноста.
Закерберг изјави дека „Фејсбук“ треба да стори повеќе за поддршка на еднаквоста и безбедноста за афроамериканската заедница преку нејзините платформи, а тој исто така вети дека компанијата ќе донира 10 милиони долари на групите кои работат на расната правда.