Француската влада се откажа од планираното зголемување на акцизите на горивото по серијата насилни протести во земјата. Протестите на движењето „Жолти елеци“ почнаа како револт против поскапувањето на горивото, но набргу се претворија во уличен бунт против претседателот Емануел Макрон и политичката елита во Париз
На Франција повторно ѝ се закануваат протести и покрај одлуката на премиерот Едуар Филип да се откаже од планираното зголемување на акцизите на горивото. Некои од демонстрантите ја поздравија одлуката на Владата, но тие сметаат дека тоа нема да биде доволно за да се стави под контрола гневот на јавноста. Протестите на движењето „Жолти елеци“ почнаа како револт против поскапувањето на горивото, но набргу се претворија во уличен бунт против претседателот Емануел Макрон и политичката елита во Париз, пренесуваат светските медиуми.
– Мислам дека одлуката е донесена предоцна. Различните протестни групи сега ќе одлучат што ќе прават понатаму. Но многумина најверојатно ќе останат на одлуката за понатамошни протести – порача Жаклин Муро, портпаролката на движењето „Жолти елеци“.
Според неа, чекорот на Макрон е исправен, но малку е веројатно тој суштински да го смени курсот.
– Ги повикувам демонстрантите да ја искористат слабоста на француската влада и да се заложат и за другите барања, како што е зголемувањето на минималната плата – истакна Муро.
Бенјамин Коши, еден од самопрогласените лидери на движењето „Жолти елеци“, истакнува дека францускиот народ сака целосна политичка трансформација.
– Ова е прв чекор, но нема да се задоволиме само со трошките, го сакаме целиот багет. Народот сака да ги промени работите што не се сменети изминатите 30 години. Смачено ни е и уморни сме од зголемување на даноците и намалување на квалитетот на јавните услуги. Има сѐ повеќе и повеќе луѓе што не можат да врзат крај со крај, сѐ повеќе луѓе не спијат мирно, а сепак продолжуваме да ги зголемуваме даноците. Каде завршуваат парите? На што се трошат – порача Коши.
Претседателот Макрон беше избран врз основа на платформата за економски реформи, кои ќе го подобрат животот на францускиот народ преку намалување на невработеноста и поттикнување на економијата. Но многумина Французи чувствуваат дека тоа не се случи. Па, така, на пример, анализата на Францускиот институт за јавна политика за буџетот за 2018-2019 година покажува дека платите за најсиромашните 25 отсто од домаќинствата во најголем дел ќе се намалат или ќе останат исти во согласност со плановите на Макрон. Лицата од средната класа ќе почувствуваат скромно зголемување, но најголеми поволности од реформите ќе има за оние лица што веќе се богати, дел од т.н. еден отсто. Изгледите се уште полоши за пензионерите, за кои реформите нема да донесат никакви бенефиции.
Премиерот Филип исто така порача дека нема да се реализира зголемувањето на цените за природен гас и струја, кое беше планирано за оваа зима. Сепак, тој ги предупреди Французите да не очекуваат истовремено подобри јавни услуги и пониски даноци.
Русија побара од Франција да се воздржи од употреба на сила
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, го повика Париз да се воздржи од прекумерна употреба на сила против демонстрантите. Захарова исто така ги повика француските власти да им ја гарантираат безбедноста на новинарите што известуваат за овие настани.
– Важно е Париз во полна мера да обезбеди безбедни услови за работа на новинарите. Новинарите никако не смеат да бидат цел на полицијата – додаде Захарова.