Мјанмар протестира против воениот удар
Демонстрациите во Мјанмар не стивнуваат. Незадоволните граѓани ја парализираа земјата и не планираат да се повлечат и покрај ветувањата за нови избори од страна на воениот режим. Тие бараат слобода за Аунг Сан Су Чи од Националната лига за демократија, која претходно помина 15 од нејзините 75 години во притвор, водејќи кампања против воениот режим, пренесува „Ројтерс“.
Цел Јангон е прекриен со црвени знамиња во знак на поддршка за „мајката Су“. Протестите се помирни во споредба со крваво потиснатите демонстрации од минатиот век, но затоа граѓанската непослушност има парализирачки ефект врз работата на многу официјални деловни активности.
– Не сакаме да се будиме во диктатура, не сакаме да живееме во страв. Ќе бидам среќен ако државните службеници секој ден доцнат на работа или воопшто не стигаат до работните места – вели Ко Сое Мин кој учествува во протестите.
Во Мандалај, вториот најголем град, демонстрантите бараа ослободување на две официјални лица кои беа уапсени за време на пучот, а во стариот главен град, Баган, луѓето со транспаренти и знамиња маршираа во поворки пред античките храмови. Сведок информира дека демонстрантите се помолиле и фрлиле клетва врз диктаторите во еден од храмовите.
– Неверојатно е да се види единството на нашиот народ. Моќта е на народот и таа треба да се врати кај народот – објави на Фејсбук актерот Лу Мин, кој се најде на списокот за потерници на воениот режим кој издаде потерници против шест познати личности, вклучувајќи филмски режисери, актери и пејачи.
Активистичка група што ги следи социјалните медиуми информира дека околу 90 отсто од народот протестира низ целата земја, а бројот на приведени лица достигна 495. Од нив, 460 остануваат во притвор.